Русите без голем избор на избори

11 mins read

Во Русија од денеска до недела се одржуваат избори за пратеници во Државната дума, но големи промени не очекуваат ни власта ни опозицијата, па ни граѓаните, кои практично и немаат голем избор.

Тоа не може да се заклучи од гласачките ливчиња. Кандидирани се повеќе од десет партии од најразлични политички бои, од комунисти до националисти, но ги нема главните опозициски партии. Многу од независните партии се сметаат за „марионети“ на Кремљ.

Критичарите укажуваат дека долго време пред гласањето е направен главниот избор – чие име може, а чие не може да се појави на изборните листи. Најистакнатата опозициска фигура Алексеј Навални е во затвор, а на ливчињата нема име на ниту еден човек од неговиот тим.

– Нашите избори се марионетски. На многумина независни кандидати воопшто не им е дозволено да се натпреваруваат – вели за Би-би-си социологот Владислав Иноземцев.

Партијата Обединета Русија се очекува да го задржи двотретинското мнозинство во државната Дума, а изборите ќе покажат дали владејачката партија навистина го губи рејтингот, како што укажуваат анкетите, поради поскапувањата на храната и намалувањето на реалната куповна моќ на граѓаните.

Потонат рејтинг

Во изминатите седум години, во кои Русија трпи санкции поради анектирањето на Крим, реалниот приход на граѓаните се намали за 11 отсто, 20 милиони луѓе живеат со примања под границата на сиромаштијата, а економијата ја притискаат поскапувањата на храната, засилената инфлација и зголемената побарувачка од Кина. На анкета спроведена од центарот Левада пред една недела две третини од испитаниците се изјасниле дека „повеќе би сакале да живеат во земја со повисоки стандарди, дури и ако не е меѓу најмоќните во светот“.

Наспроти проблемите, популарноста на претседателот Владимир Путин е на релативно стабилно ниво од 56 отсто, но рејтингот на Обединета Русија паднал на минимални 27 отсто, според анкета спроведена во август од агенцијата ФОМ, која важи за блиска до Кремљ.

Се претпоставува дека популарноста е „прелеана“ кон комунистите, кои се втора политичка сила во Думата. Западни аналитичари забележуваат дека комунистите ѝ се враќаат на традиционалната опозициска улога, гласајќи против зголемувањето на возраста за пензионирање и против уставниот амандман за продолжување на мандатот на претседателот.  Некои веќе прифаќаат порадикална опозициска реторика, како Николај Бондаренко, кој поради гласните критики кон партијата Обединета Русија го добил прекарот „Црвениот Навални“. Поради популарноста на Бондаренко, кој има повеќе од 1 милион следбеници на социјалните мрежи, дури и спикерот на Думата, Вјачеслав Володин, не се кандидирал за нов мандат во својот роден град Саратов за да избегне директен дуел.

Притисок трпат и други истакнати кандидати од партии што важат за лојални на Кремљ. Во Хабаровск на Далечниот Исток лани шест недели имаше масовни демонстрации поради апсењето на популарниот гувернер Сергеј Фургал од екстремната десничарска Либерално-демократска партија на Русија. Фургал е обвинет за убиство и сѐ уште е во притвор во Москва. На неговиот син Антон му е забрането да се кандидира за пратеник.

Кампања на сила

Вистинската опозиција се жали дека се соочува со уште построги блокади. По затворањето на Навални, неговото движење беше прогласено за „екстремистичко“ и беше забрането. На секое лице поврзано со движењето му беше забрането да се кандидира на парламентарните избори.

Виолета Грудина, која го водела движењето на Навални во Мурманск, се жали дека со низа постапки била спречена да се кандидира. Кога ја најавила кандидатурата, пред нејзиниот дом биле расфрлани летоци со обвинувања дека е педофил. Кога сакала да се регистрира, добила наредба за карантин, иако таа вели дека го прележала вирусот со лесни симптоми и веќе имала негативен тест.

– Дваесет дена бев насилно изолирана во стационар за болни од ковид-19. Ме изолираа со судска одлука за да не можам да ги доставам документите за регистрирање. Се чувствував како да сум во телевизиска криминална серија, но тоа е реалниот живот на опозициските активисти во Русија на Путин – вели Грудина.

Политичарите лојални на Кремљ ги отфрлаат критиките, одговарајќи дека никој не бил спречен да се кандидира од политички мотиви туку поради обвинувања за криминал.

– Зборуваме за неколку лица. Тие не се отстранети поради своите политички позиции, туку поради криминалните истраги во кои се вмешани. Во мојата земја ситуацијата со изборите е помалку или повеќе на истото ниво како и во другите земји – вели сенаторот Андреј Климов, кој е на висока позиција во владејачката партија Обединета Русија.

Паметно гласање

Алексеј Навални, кого го сметаат за најпопуларен опозициски лидер, беше приведен и затворен уште во февруари, при враќањето во Русија по долгото закрепнување во Германија по сѐ уште неразјаснетото труење две години порано.

Навални од својата ќелија најави стратегија за која смета дека ќе ја загрози доминацијата на владејачката партија Обединета Русија. Објавувајќи ја стратегијата „Паметно гласање“, тој ги повика приврзаниците на опозицијата во секоја единица да гласаат за кандидатот што има најголеми шанси да го победи соперникот од Обединета Русија. Целта е барем да се ублажи доминацијата на владејачката партија во Думата.

Властите реагираа со блокирање на сајтот од кој може да се симне апликацијата „Паметно гласање“, на која се наведени препораки за кој кандидат да се гласа во секоја единица. Москва, во исто време, го обвини Вашингтон дека овозможил техничка поддршка за иницијативата, оценувајќи го како мешање во изборите.

Анонимен извор на „Фајненшл тајмс“, претставен како поранешен советник на Путин, изјавил за весникот дека Кремљ сериозно го смета „странскиот фактор“ за главна закана за опстанокот.

– Тоа е системски опасно. Сите што се против Путин не се лоши луѓе. Но, така мислат службите за безбедност. Офицерите од разузнавачките служби бараат пријатели меѓу непријателите, а контраразузнавачите бараат непријатели помеѓу пријателите. Ако постојано бараат непријатели, тоа е проблем. Ќе ги најдат. Тоа им е работа – вели изворот.

Путин се дистанцира

Аналитичари оцениле за „Фајненшл тајмс“ дека целта на претседателот Путин на изборите е да демонстрира дека нема алтернатива на неговото лидерство. Мандатот на претседателот му завршува во 2024 година, но благодарение на двотретинското мнозинство на Обединета Русија, собранието лани изгласа промени во Уставот што му овозможуваат на актуелниот претседател да владее до 2036 година.

– На Путин му е неопходна лична потврда за неговиот мандат, дека нема алтернатива. Изборите се нова шанса да се убеди дека луѓето сѐ уште го поддржуваат. Изборите му се потребни за да ја зацврсти својата позиција во системот и да ѝ покаже на елитата дека тој е единствената фигура што би можела да го задржи целиот систем и има монопол да решава кога ќе се повлече, да избере наследник и да одреди кога тоа би се случило – смета Татјана Стојанова, основач на групата за политички консултации „Р. Политик“.

Освен присуството на неколку јавни настани, Путин главно се дистанцираше од кампањата. Тој ќе гласа од самоизолација, која му е одредена како превентивна мерка откако негов советник се разболел од ковид-19.

„Локомотивите“ на кампањата се министрите за надворешни работи Сергеј Лавров и за одбрана Сергеј Шојгу, за кои се очекува лесно да победат во своите изборни единици, но и да ги задржат министерските функции наместо да го прифатат пратеничкиот мандат.

Многумина Руси, од друга страна, повеќе немаат мотив за кого било во услови кога нема демократска битка.

– Русите не чувствуваат длабока природна потреба за демократски слободи. Не гледам дека мнозинството од граѓаните сакаат да ги искористат своите гласачки права. Луѓето се привикнуваат на политичкиот систем или на режимот. Ако тие не влијаат врз нивниот секојдневен живот, може да го толерираат долго време – вели социологот Иноземцев.

Двојници во Санкт Петербург

Либералот Борис Вишњевски, член на градскиот совет на Санкт Петербург, се пожали дека на изборите се кандидирале уште двајца кандидати со име идентично на неговото, па дури и со сличен лик, поради што граѓаните тешко може да ги разликуваат на предизборните билборди.

Опозициското чувство се смета за највисоко во главниот град Москва, поради што владејачката партија Обединета Русија воопшто не предложи кандидати во четири реони.

Страв од фалсификат

Се жали и невладината набљудувачка група Глас, која стравува од „голема измама и фалсификување“.

– На овие извори ќе има и гласање преку интернет, за што нема транспарентност. А, ќе се гласа три дена. Ќе ни бидат потребни половина милион набљудувачи на гласачките места. Тоа е многу – вели Станислав Андрејчук, копретседавач на Глас.

Притисок трпат и медиумите. Неодамна беше изгласан закон со кој низа независни медиуми беа декларирани како „странски агенти“.

– Брзината со која беше спроведена мерката е поврзана со изборите – вели Петр Мањахин, новинар од Новосибирск, кој е прогласен за „странски агент“, а неговата веб-страница „Проект“ за „неприфатлива организација“.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бугарскиот претседател Румен Радев ја претстави новата привремена влада до изборите во ноември

Следно

УТРИНСКИ БРИФИНГ | Лазаров: РСБСП ја спроведува Европската недела на мобилност

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian