Шилегов: Со 110 километри нови велопатеки, Скопје е подготвено за Европската недела на мобилност

2 mins read

Градоначлникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска ја потпиша пристапницата кон Европската недела на мобилност 2021, со што и официјално започна ЕНМ 2021, под мотото „Движи се одржливо, остани здрав“.

– На наше големо задоволство Град Скопје по 11-ти пат се вклучува во редот на градовите кои ја одбележуваат Европската недела на мобилноста со богата агенда исполнета со квалитетни содржини во насока на промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето на јавниот превоз како одржливи форми на урбана мобилност. Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Безбедно и здраво со одржлива мобилност“, и во нејзиното одбележување ќе се вклучат над 2.700 градови од над 50 држави од Европа и од светот. Овогодинешната кампања организирана под мотото „Движи се одржливо, остани здрав“ има за цел да оддаде почит на справувањето со пандемијата на КОВИД-19 и да фрли едно поинакво светло на можностите кои произлегоа од оваа досега невидена здравствена криза, рече Шилегов. 

-Предвидени се и повеќе активности преку кои ќе се промовира развојот на мрежата на велосипедски и пешачки патеки во градот која се зголемува во просек за околу 14 километри годишно, со што велосипедската мрежа во нашиот град годинава надмина 110 километри, дополни Шилегов.

Тој додаде дека изминатите години Градот се посветил на градењето на т.н. конектори кои ги поврзуваат главните велосипедски рути во Скопје, и го спои со велосипедски патеки и Големиот Ринг. 

– Сите патеки се изведени согласно со стандардите кои предвидуваат слеани рабници, заобиколувања на автобуските станици, соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и заштита од столпчиња. Оваа година работиме на нова вело патека на бул. Видое Смилевски Бато, продолжување на вело патеката на бул. Александар Македонски, а нови вело ленти ќе добијат и Рузвелтова, Христо Татарчев и Митрополит Теодосиј Гологанов. Велосипедски патеки се предвидени и на новиот дел од ул. Васко Карангелески, продолжението на бул. АСНОМ преку мостот до Керамидница, бул. Никола Карев и клучката кај Момин Поток. Изминативе 4 години Скопје е побогато за над 12.000 нови велосипеди и над 600 нови тротинети само благодарение на субвенциите кои Град Скопје ги доделуваше секоја година, потенцираше Шилегов.

Извор: skopjeinfo.mk

Претходно

ФОТО| Ники Минаж ги крена властите на нозе со објава против вакцинацијата: Ја прими и стана импотентен, a девојката ја откажа свадбата

Следно

Четири лица уапсени поради закана за експлозив на синагога во Германија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian