Македонија има најбавен пристап до интернет во Европа

5 mins read

Македонските домаќинства и фирми имаат реално најбавен пристап до интернет во Европа, покажуваат резултатите од глобално истражување на британскиот портал „Кејбл“.

Просечната брзина на интернет во Северна Македонија, измерена при истражувањето, била 15,38 мегабити во секунда, што е побавно во споредба со другите две земји на дното на листата – Албанија (19,36 мегабити во секунда) и Косово (22,21 мегабити во секунда). Во глобални рамки, Македонија е на 107 место од вкупно 224 земји во кои било спроведено истражувањето. Овој резултат е нешто побрз од прагот од 10 мегабити во секунда, што се смета за минимална брзина што би ги покрила потребите за пристап до интернет на вообичаено семејство или мала компанија.

Авторот „Кејбл“ (cable.co.uk) тврди дека со анализата биле опфатени повеќе од 1,1 милијарда тестови на широкопојасна брзина низ светот, во периодот од 12 месеци заклучно со јуни 2021 година. Податоците биле собрани во Ем-лаб, проект во кој учествуваат низа граѓански организации, образовни институции, како и приватни компании, вклучувајќи ги „Гугл“ и „Планетлаб“ на Универзитетот Принстон.

Пристап до најбрз интернет во светот имаат жителите на малата британска независна територија Џерси – од за нас неверојатни 274,27 мегабити во секунда, пред Лихтенштајн (211,26) и Исланд (191,83). Сите 29 земји од Западна Европа се во првата четвртина на глобалната мапа, а при дното во регионот е Италија (36,69 мегабити во секунда).

– Со просечен пристап од над 90 мегабити во секунда, Европа и годинава апсолутно доминира, благодарение на одличната инфраструктура – се заклучува при анализата.

Покрај европските земји, при светскиот врв се Јапонија, со брзина на пристап од 96,35 мегабити во секунда, САД (92,42) и Канада (80). При средината се Австралија, со просечна брзина од 40,5 мегабити во секунда, Русија (35,73) и Бразил (33,3), додека Кина, со брзина на пристап од 2,06 мегабити во секунда е при светското дно, неколку позиции над Авганистан (1,41 мегабит во секунда).

Во заклучоците од истражувањето се забележува дека првпат откако почнале мапирањата, бил намален јазот помеѓу земјите со најбрз и најбавен пристап до интернет. Оваа година петте земји на врвот од табелата имале 202 пати побрз пристап отколку петте последни земји. Како илустрација, за симнување филм во висока резолуција со големина од 5 гигабајти во Џерси се потребни 2 минути и 29 секунди, а во Туркменистан 22 часа и 34 минути. Во Македонија за таква операција би биле потребни 23 минути и 27 секунди, што укажува дека реалната просечна брзина измерена со истражувањето значително отстапува од онаа што е регистрирана од домашната надлежна канцеларија.

Македонската Национална компетентна канцеларија за широкопојасен проток на информации (БКО), формирана по препорака од Европската Унија како експертско тело за поддршка на инвестициите во „бродбенд“ инфраструктурата, во својот најнов извештај од март годинава наведува податоци од мапирањето спроведено на крајот од минатата година. Податоците говорат дека 82,84 отсто од домаќинствата имаат можност за пристап до брзи бродбенд мрежи со брзина на преземање помеѓу 30 и 100 мегабити во секунда, а 63 отсто имаат пристап до мрежи со капацитет поголем од 100 мегабити во секунда. Притоа е истакнат планот до крајот на 2023 година процентот на домаќинства со пристап до брзи бродбенд мрежи да се зголеми на 87 отсто, а до ултрабрзи мрежи на 75 отсто.

Во долгорочната стратегија на владата, пак, е предвидено до крајот на 2029 година сите домаќинства да имаат можност по прифатлива цена да имаат пристап до мрежа што овозможува брзина за симнување податоци од најмалку 100 мегабити во секунда, со можност за надградба на гигабитна брзина.

– До крајот на 2029 година е предвидено сите јавни институции (училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни установи, здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела), да имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1 гигабит во секунда – се наведува во стратегијата.

Што се однесува до пристап до мрежата на мобилните апарати, во стратегијата е планирано до крајот на 2023 година барем еден град да биде покриен со 5Г сигнал, до крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал, а до 2030 година секој да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 мегабити во секунда.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Норвешката премиерка го призна поразот на парламентарните избори

Следно

Тропската бура Николас зајакна во ураган

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian