Авганистанскиот бран бегалци ќе ја заплисне и Македонија

8 mins read

Новата талибанска власт во Авганистан ќе предизвика нова голема бегалска криза кога илјадници луѓе повторно ќе се обидат да стигнат до европските земји преку разни рути, меѓу кои и балканската, предупреди неодамна македонскиот претседател Стево Пендаровски. Според него, можно е да се повтори и слична бројка како во 2015-2016 година кога низ Балканот поминаа милион и пол луѓе од кризните региони во Сирија и Ирак, но и од други земји од Блискиот Исток и од Африка. Пендаровски за вчера го свика Советот за безбедност, на која заканите од нова мигрантска криза, според најавите, беа главна тема.

И во Бугарија се загрижени од новиот развој на настаните во Авганистан. Минатата недела и техничкиот премиер на Бугарија Стефан Јанев одржа состанок на Советот за безбедност за состојбата и капацитетот на системот за заштита на националната безбедност во контекст на очекуваниот нов бран мигранти.

Европската Унија, од друга страна, овој пат не планира да дозволи прилив на огромен број мигранти, за што на границите во многу земји веќе се изградени илјадници километри ѕидови, а минатата недела на вонреден состанок во Брисел министрите за внатрешни работи на 27-те земји членки се согласија дека „заеднички ќе дејствуваат за да спречат повторување на неконтролираните, големи илегални миграциски движења“.

Пендаровски: Можно е повторно милион луѓе да поминат низ нашата земја

Според претседателот Пендаровски, наскоро е можен е масовен бран бегалци.

– Тоа не се оние луѓе што сега доаѓаат, кои се организирано извлечени со помош на хуманитарните летови. Тој број е мал, станува збор за неколку илјади луѓе. Но, можно е, јас очекувам овој режим во Авганистан да биде исто суров како претходниот пред 20 години, да предизвика нов бран бегалци и тоа најверојатно ќе биде слично како што видовме во 2015 и 2016 година, кога милион и пол луѓе транзитираа низ нашата територија и низ овој регион – рече неодамна шефот на државата во интервју за балканската служба на Радио Слободна Европа.

Според аналитичарите, можно е да се повтори голема мигрантска криза, но не може да се предвиди од каков обем ќе биде. Александар Стојановски од Центарот за европски стратегии „Евротинк“ вели дека обемот на бегалската односно мигрантската криза ќе зависи најмногу од државите во непосредното опкружување на Авганистан, а особено од Турција, која има моќ да ги задржи или да ги пропушти и која и во претходната голема мигранска криза имаше огромна улога.

– Сѐ зависи од тоа како ќе одговорат државите, кои во меѓувреме создадоа механизми за заштита на своите граници, ја засилија контролата и изградија гранични ѕидови. Оваа мигрантска криза допрва ќе се развива и сигурно ќе има импликации во тамошниот регион и во Европа, но не може да се предвиди какви. Не може да се повтори истата криза како во 2015-2016 година, може да биде или послаба или посилна. Изјавите на надлежните дека ќе се случи ист бран со милион бегалци се неодговорни во овие услови. Таквите изјави влијаат врз тоа како медиумите ќе известуваат за некоја состојба и како потоа и граѓаните ќе реагираат – вели Стојановски.

Според него, државите презеле политички и инфраструктурни мерки соодветни на одлуките што го донеле околу тоа дали ќе ги враќаат, задржуваат или ќе ги пропуштаат мигрантите.

– Грција се изјасни дека не сака да прима мигранти, па по копнен пат мигрантите од Авганистан и од другите земји повторно најмногу се собираат во Турција. Поморската рута ја чуваат силите на Фронтекс и националните полиции на засегнатите земји, а најмногу на удар се Италија, Шпанија, Кипар. Македонија е транзитна земја и во неа мигрантите не остануваат туку се пропушаат кон горе, кон ЕУ. На балканската рута за влез во Словенија моментно пречка им се Босна и Хрватска, кои не ги пропуштаат, па голем број луѓе останаа заглавени таму, се таложат во тие држави – вели Стојановски за „Слободен печат“ и додава дека и секоја држава треба да ја следи состојбата во однос на реадмисијата, односно враќањето на мигрантите во претходното безбедно место од кое пристигнале.

Балканската маршрута е жива

Во врска со тоа дека во Македонија сѐ уште апсат шверцери на мигранти кои во своите возила од Грција до Србија пренесуваат по десетици лица, Стојановски вели дека балканската маршрута сѐ уште е жива, но јавноста не е доволно запознаена каква е реалната состојба.

– Информациите кажуваат дека рутите не се укинати, дека луѓето се движат, но медиумите и институциите не информираат доволно за состојбата на терен и немаме реална слика. Бројките треба да ни ги дава МВР, да известува колку илегални обиди се спречени, колку шверцери се фатени,  по колку мигранти има во прифатните центри во даден момент итн.

Инаку, турските медиуми објавија дека од почетокот на годината во Турција се задржани речиси 100 илјади илегални мигранти, од кои околу 40.000 се Авганистанци. Лани Турција спречила илегален влез на повеќе од 505.000 странци, а оваа година бројката досега е 307.800. Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР, пак, предупреди дека до 500.000 Авганистанци би можеле да ја напуштат својата татковина до крајот на годината. Претставниците на ЕУ размислуваат да потрошат милијарда евра за да ги натераат авганистанските соседи да дејствуваат како чувари на нивните порти, но Пакистан, Таџикистан и Узбекистан предупредија дека се подготвени да служат само како транзитни земји за авганистанските баратели на азил. Од друга страна, пак, ЕУ сега е поподготвена да ги врати мигрантите во нивните татковини доколку не добијат азил.

Минатата недела на вонреден состанок во Брисел, министрите за внатрешни работи на 27-те земји членки на ЕУ се согласија „заеднички да дејствуваат за да спречат повторување на неконтролираните, големи илегални миграциски движења“. Полска, пак, прогласи вонредна состојба на нејзината граница кон Белорусија, каде се трупаат бегалци.

Мешани полициски контроли на македонско-српската граница?

Министерот за внатрешни работи на Србија Александар Вулин очекува наскоро и на границата со Северна Македонија да се најдат мешани полициски контроли, со цел да се спречи илегалната миграција, како што е тоа предвидено со протоколот потпишан за тоа прашање во Будимпешта со унгарските власти.

– Се надевам дека многу брзо ќе успеам да убедам истата работа да ја направиме и на македонско-српската граница, како и меѓу Унгарија и Австрија. Секој мигрант што ќе го спречиме да влезе во Србија е мигрант помалку во Виена, но исто така и мигрант помалку во Белград – изјави Вулин на српските медиуми.

Како што оцени, неопходна е заедничка, координирана акција, бидејќи „мигрантите нема да ја преминат таа област кога ќе слушнат дека границата е цврста“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Не ме плашат заканите со убиство, ако треба правдата ќе ја барам и во Италија!

Следно

Собранието ќе ја почне 50. седница

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian