Онлајн наставата е само формалност, многу училишта немаат технички услови

4 mins read

Постојат ли технички услови за следење на наставата од дома, е прашањето кое родителите деновиве постојано го поставуваат, имајќи предвид дека се зголемува бројот на деца кои заминуваат во изолација поради појава на случаи со коронавирус во училиштата. Родителите на учениците кои следат настава онлајн велат дека не им се обезбедени технички услови за да се стекнат со вистинско знаење. На родителите им е кажано дека наставниците од училиштето ќе се приклучуваат на лаптоп од катедра и дека ќе оди директен пренос од часот. Се чини дека во многу училишта ова не се прави, со оглед на тоа дека за да има такво предавање, треба да има по еден службен лаптоп за секое одделение во кое има ученици кои следат онлајн настава. За разлика од оваа година, лани повеќето наставници предаваа од дома од свои уреди.

– Зошто училиштето нема еден службен лаптоп за единствените пет деца кои се пријавиле за онлајн настава од предметните одделенија, а сите се од ист клас, на социјалните мрежи прашува родител на ученик од Скопје.

Други родители споделуваат дека во училницата немало интернет, бидејќи училиштето се уште не набавило рутери. Велат дека конекцијата е лоша, учениците не се активни, а голем дел од наставниците не знаат да се приклучат, па учениците им помагаат.

– Наместо да се користи широко распространетата алатка „Мајкрософт тимс“, учениците и наставниците разменуваат информации по Месинџер или Вибер, коментираат родители.

Некои сметаат и дека онлајн наставата трае многу кратко, па додека сите да се вклучат, половина од часот веќе поминал. Родителите се жалат и дека некаде се држат само два часа дневно од предвидените 7 часа.

Значителен дел од наставниците со кои разговараше „Слободен печат“ не сакаа да дадат коментар на прашањето како изгледа онлајн наставата. Елвира Мустафа, професорка по филозофија во скопското основно училиште Никола Карев, вели дека е задоволна.

– Сите добивме техничка поддршка, лаптоп од самото училиште, уште кога беше онлајн наставата лани. Во секој кабинет треба да го има тоа и паралелно да држиме настава. Но, професорот може да држи настава и од телефон. На пример, јас не предавам од книга и ми е поедноставно од смартфон отколку од лаптоп. Училиштето има обезбедено лаптопи за сите. Алатката „Микрософт Тимс“ ја имам симнато и снимено. Имаме лаптопи и брз интернет, изјави Мустафа за „Слободен печат“.

Други професори се жалат дека е тешко, но велат дека даваат се од себе да се прилагодат на тоа што се бара од нив.

– Тешко е да држиме двојна настава. Во исто време, треба да се предава и на учениците што се од дома и на оние во училишните клупи. Треба да држиш во исто време и ваква и таква настава. Помеѓу еден и друг час, треба да истрчаш неколку долги ходници, да вклучиш лаптоп, да отвориш „Микрософт тимс“, да подесиш се на уредот за да предаваш на сите во исто време. Сега ни монтираат и паметни табли за дигитална настава. Инаку, нашето училиште обезбеди лаптопи за сите наставници кои побараа, ни изјави Витомир Лазороски, наставник по математика и претседател на училишната организација на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), како и претседател на синдикалниот регион за Карпош.

Од УНИЦЕФ порачаа дека поради променливата состојба, властите  треба да бидат флексибилни и подготвени да се адаптираат за да осигураат безбедност на секое дете.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Меркел во проштална посета на Србија

Следно

Пентагон: Ракетната програма на Пјонгјанг е закана за соседите

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian