Косово: Административците должни да се вакцинирани или да докажат дека не се заразени од ковид-19

2 mins read

Сите вработени во јавните институции, како и персоналот во претпријатијата и фирмите во сопственост на Владата и општините во Косово, од денеска треба да се вакцинирани, или да приложат доказ дека не се заразени од ковид-19, за да им се дозволи да влеат во нивните работни простории, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според одлуката на Владата на Косово, административците треба да поседуваат серитификат дека ги примиле двете, или барем едната доза од некоја од анти-ковид вакцините. Доколку не се вакцинирани треба да приложат РТ-ПЦР негативен тест не постар од 72 часа, доказ дека ја прележале болеста, не понов од 21 и не постар од 180 дена, позитивен резултат од серолошки тест издаден пред најмногу 30 дена, или негативен антигенски тест не постар од 48 часа.

На лицата кои нема да приложат некој од споменатите документи нема да им се дозволи влез во работните простории, а отсуството од работа ќе се смета за неоправдано, по што ќе подлегнат на соодветните санкции предвидени со закон и со правилниците за работа, објави Владата.

Кабинетот на премиерот Албин Курти на вчерашната седница одлучи и да ги затвори детските градинки и да го одложи почетокот на наставата во основните и средните училишта, а оваа мерка ќе биде во сила до 26 овој месец, кога ќе се донесе нова одлука, согласно состојбата со пандемијата.

Во наредните две недели продолжува да важи истиот режим за влез во Косово, што значи дека е потребно приложување сертификат за вакцинација или еден од доказите дека лицето не е заразено од ковид-19.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Истражители од Германија ќе утврдуваат што предизвика модуларната болница да се пеплоса

Следно

При голема експлозија, ниту ПП апарати ниту прскалки не можат да го изгаснат пожарот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian