И по неодамнешната владина одлука и изгласувањето на законот со кој делови од Шар Планина се прогласуваат за национален парк, што беше примено со оптимизам дека ќе го запре нелегалното сечење на шумите, фотографиите направени викендов од планинари покажуваат дека незаконската сеча продолжува во полн замав.

На фотографиите кои ги испраќа читател на „Слободен печат“, се гледа степенот на последното уништување на шарпланинските шуми.

Исечена е букова шума на потегот кон врвот Кобилица, во близина на македонско-косовската граница, а на дел од фотографиите се гледа дека дрвокрадците дури и ги наредиле дрвата во камара, што укажува на тоа дека подолго време и без страв ја спроведувале нелегалната сеча.

„Шумата целосно се уништува од некое лице кое си собира дрва за лични интереси“, вели нашиот читател во пораката.
Според информациите на „Слободен печат“, екипи на Шумската полиција и на МВР во изминатите 24 часа излегле на посоченото место и заплениле дел од исечените дрва, додека по сторителите се трага.