Амбасадорката Галовеј за „Слободен печат“: Заштитете ги шумите и биодиверзитетот!

3 mins read

Ако се продолжи со недоволната грижа за шумите, преку лошото менаџирање,  шумските пожари и дивото сечење, наскоро ќе се видат негативните влијанија врз животната средина преку ерозивните дејства и поплави, но и врз економијата, вели во денешното интервју за „Слободен печат“ амбасадорката на Обединетото Кралство во државава, госпоѓа Рејчел Галовеј.

„Очигледно е дека низ годините се намалува покриеноста на територијата со шуми, но она што не го гледаме е соодветно ниво на пошумување“, смета амбасадорката и додава дека, на долги патеки ваквиот тренд ќе го загрози богатиот биодиверзитет на Северна Македонија.

Таа вели дека има закони, но тие недоволно се применуваат, па затоа првенствено треба да се види промена во начинот на кој тие закони се применуваат, и на локално и на централно ниво. За таа цел би требало да се подобри работата на инспекциите, како и одговорноста на институциите, вели во интервјуто британската амбасадорка.

Осврнувајќи се на енергетските политики и стратегијата за климатски промени на државава, Галовеј има и пофални зборови за Владата, поради тоа што ги има поставено повисоко на својата листа на приоритети климатските промени и чистата енергија.

– Владата ги објави своите заложби за намалување на стакленичките гасови за 51 процент до 2030 во однос на нивото од 1990. Амбициозно најавената обврска на Северна Македонија да го напушти јагленот како енергенс порано од претходно планираното, до крајот на 2028, година, како и скорешното зачленување во PPCA Алијансата (Powering Past Coal Alliance) за напуштање на јагленот како енергенс, се храбри чекори, но и сериозни обврски и тие можат да се реализираат само преку реализација на „зеленото сценарио“ на Стратегијата за енергетика, вели Галовеј.

Коментирајќи го тоа што на претстојните локални избори во Македонија како никогаш досега еко активисти и здруженија најавија поход на општинските тела, амбасадорката Галовеј вели:

Мислам дека локалните избори ќе бидат навистина интересни. Одлично е тоа што граѓанските организации и „зелените“ активисти сакаат да се вклучат во локалната самоуправа и на дело да пробаат да го реализираат она за што се залагале“.

Таа смета дека тоа ќе придонесе и поголемите партии да ги засилат своите заложби за подобра животна средина во однос на она што досега било само декларативно, посебно ако излезе дека граѓаните гласаат за „позелени“ политики.

– Гледаме веќе дека сега и тие повеќе зборуваат за екологијата и за климатските промени. Локалната самоуправа може да биде место за пионерски чекори во насока на промени и за зголемување на притисокот врз централната власт за подобрување на состојбите во животната средина, додава амбасадорката во интервјуто.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 13 септември: Расчистете ги навреме лажните илузии

Следно

Попис на населението во Хрватска од денеска до 17 октомври

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian