А каде е новото парламентарно мнозинство на Мицкоски?!

8 mins read

Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, минатата недела најави дека, ако опозицијата победи на локалните избори на 17 октомври, ново парламентарно мнозинство ќе има меѓу двата изборни круга.

– Честопати зборувам и ќе ја искористам оваа прилика да повторам, ова да се локални избори за општината и градот Скопје, но истовремено се избори кои што одлучуваат во каква држава сакате да живееме. Победата на 17 октомври во првиот круг на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ подразбира нова влада, подразбира пад на оваа криминална владата меѓу двата круга, рече Мицкоски на промоцијата на Александар Стојкоски за кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров, а присуствува и кандидатот за прв човек на Скопје Даниела Арсовска.

И ова не е првпат Мицкоски да најавува ново парламентрано мнозинство. За да го формира истото доби дури и амин од Централниот комитет на партијата, но преземањето на власта во Собранието, а со тоа и смена на владата на Заев, никако да му тргне од рака на опозицискиот лидер.

Првпат идејата за ново парламентарно мнозинство Мицкоски ја промовираше на почетокот од февруари, кога најави и предвремени парламентарни избори.

Наспроти ставот на премиерот Зоран Заев дека следните парламентарни избори конечно ќе бидат редовни и ќе се одржат во 2024 година (кога треба да има и редовни претседателски избори), Мицкоски тогаш изјави дека и од Месечината се наѕираат нови предвремени избори за пратеници. Тој тврдеше и дека се крои ново парламентарно мнозинство, за што посочи дека можеби станува збор за коалициски партнери на СДСМ.

Како што објави „Слободен печат“ на 18 февруари, од ВМРО-ДПМНЕ веќе почнаа и да типуваат кој ќе ја напушти коалицијата на СДСМ. Пратеникот од пратеничката група на Мицкоски, Владо Мисајловски, посочи дека собраниското мнозинство ќе го напуштат пратениците од Беса, поради Законот за лични карти.

Мицкоски, пак, ден претходно само кратко искоментира:

– Да, работиме на тоа. Мојата цел е што побргу да падне Владата на Зоран Заев. Дозволете да не зборуваме за бројки.

На 20 мај Мицкоски повторно ја „стресе“ јавноста: „Можно е да има ново парламентарно мнозинство во Собранието“. Одговорајќи на новинарско прашање во Штип за можноста да се организираат предвремени парламентарни избори заедно со локалните, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека секоја опција што ќе ја смени оваа власт е во игра. Тој додаде и дека постои можност за ново парламентарни мнозинство или пак за предвремени парламентарни избори.

– Секоја опција која што ќе ја спаси Македонија од оваа криминална влада е во игра – рече Мицкоски.

На 01 јуни Мицкоски објави дека секојдневно работи на тоа да обезбеди 61 глас во парламентот за да може да побара негово распуштање и одржување предвремени парламентарни избори.

„Не е прашањето дали се потребни предвремени парламентарни избори, туку кога тие би се одржале“, рече Мицкоски одговарајќи на прашање дали останува на барањето заедно со локалните избори наесен да има и нови избори за пратеници.

Тој посочи дека Собранието е единствениот пат за одржување предвремени парламентарни избори, така што треба да се обезбеди апсолутно мнозинство за самораспуштање на актуелниот собраниски состав.

„Не познавам друг начин за одржување предвремени избори, а што се однесува до методологијата, секојдневно работиме на тоа и кога ќе имаме 61 пратеник јавно ќе соопштиме“, рече Мицкоски на прес-конференција.

На 21 јули Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го овласти Мицкоски да преговара за парламентарно мнозинство.

– Донесени се две важни одлуки, едната од нив е дека Централниот комитет едногласно го овласти претседателот Христијан Мицкоски да преговара за ново парламентарно мнозинство, а со тоа и да ја состави новата влада. Втората одлука која е донесена вечерва е одлуката за измена на статутот на партијата, во насока на поголема демократизација на партијата, пренесување на поголеми надлежности на членството, органите и телата на партијата, следејќи ги современите искуства на големите европски десничарски партии- рече Панче Тошковски, претседател на статутарната комисија при ВМРО-ДПМНЕ, по седницата на ЦК.

На 28 јули, Мицкоски, својата идеја за ново парламентарно мнозинство и ја презентираше и на германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн.

-Потенцирав дека врз основа на добиената доверба од граѓаните и верувајќи во принципите и вредностите кои беа елаборирани од страна на Коалицијата за обнова на Македонија, правиме напори за формирање на ново парламентарно мнозинство што ќе значи зафаќање со сериозна работа за надминување на тешката криза во која се наоѓа државата, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со Холштајн.

На 23 август претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, за „Ал Џезира Балканс“ изјави дека после победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, власта на Зоран Заев ќе биде делегитимирана и ќе следи ново владејачко мнозинство, односно, ќе има премин на пратеници од владејачкото мнозинство кои се незадоволни од Зоран Заев и имаат желба за формирање на нова власт.

– Ценам дека во редовите на опозицијата ќе има премин на пратеници кои во овој момент формално се уште го поддржуваат владејачкото мнозинство. Меѓутоа во разговори со нас го изразија своето незадоволство и да станат дел од ново мнозинство. Тој процес ќе биде забрзан со резултатите од локалните избори кои ќе бидат во наша корист со што владата на Зоран Заев ќе биде делегитимирана, нагласи Мицкоски.

На 30 август, во изјава за Сител телевизија, Мицкоски истакна дека на локалните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе ја делегитимира владејачката коалиција, а „потоа следи ново парламентарно мнозинство, кое ќе ги решава акутните проблеми како криминалот, корупцијата, отсуството на реформи, бидејќи тоа им е потребно на граѓаните“.

– Ниските страсти на преплашената коалиција на власт ги сфаќаме како предизборен фолклор којшто излегува од кујната на СДСМ – истакна Мицкоски.

На Мицкоски досега не му успеа да формира ново парламентарно мнозинство, иако  шпекулираше дека бил во преговори со партии од власта, па дури и со пратеници од СДСМ. Останува да видиме дали неговата желба за превласт во Собранието ќе се случи по локалните избори, или како што самиот вели, меѓу двата круга на изборите, или пак и тоа ќе остане запишано во неговата архива на изјави. Што би рекле Србите „Живи били, па видели“.

 

 

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Нови пожари во Калифорнија, повредени двајца пожарникари

Следно

Бузалковски е БМУ европски шампион во брзински мотоциклизам

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian