Мицотакис оптимист за текот на грчката економија, уште еднаш ја отфрли можноста за предвремени избори

7 mins read

Оптимизам за текот на грчката економија и зголемен раст до крајот на годинава, убеденост дека Владата ќе го исцрпи четиригодишниот мандат, уверување дека земјата нема одново да оди во целосен карантин, но и решеност земјата да ги чува границите од евентуален нов мигрантски бран, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на прес конференцијата во Солун во рамките на Меѓународниот саем, јави дописничката на МИА од Атина.

На традиционалната прес конференција, што траеше два и пол часа, Мицотакис одговори на 46 прашања поврзани со актуелни теми за земјата, како што се економијата, пандемијата и вакцинацијата, отворањето на училиштата, можни предвремени избори во земјата, туризмот, но и односите со Турција и евентуалните мигрантски бранови со кои би се соочила земјата.

Грчкиот премиер уште еднаш ги отфрли сценаријата за предвремени избори, повтори дека Владата ќе го искористи уставниот четиригодишен мандат, но и откри дека во измнатите две години колку што е Нова демократија на власт никогаш не помислил на предвремени избори.

Коментирајќи го ставот на лидерот на опозициската СИРИЗА во однос на предвремени избори, рече дека не може да го разбере Ципрас како од една страна вели дека ќе има избори, а од друга дека воопшто не бара и додаде дека „по правило мисирките не брзаат да дојде Божик”.

– Голем оптимист сум и за текот на грчката економија. Верувам дека кога ќе стигнеме на крајот од мандатот, кога ќе треба одново да бараме доверба од грчкиот народ, условите ќе бидат соодветни, рече Мицотакис и додаде дека не може од сега да каже кои ќе бидат дилемите пред изборите во 2023 година, но граѓаните ќе ги оценат делата и ефикасноста на Владата.

За зголемениот раст за 2021 година од 3,6 на 5,9 отсто, што вчера го најави во неговиот говор, грчкиот премиер истакна дека тоа е безбедно предвидување, кое немаше да го спомене, доколку не беше целосно сигурен и за кое добил уверувања и од економскиот тим.

Тој рече дека мерките најавени синоќа се дел од владината стратегија, а паралелно уште еднаш ја отфрли можноста земјата одново, целосно да се затвори.

– Политиката на оваа Влада секогаш беше да создава богатство, потоа поделба, односно ова богатство на праведен начин да го споделува со сите Грци. И токму во рамките на оваа филозофија се и мерките соопштени вчера. Очигледно е дека сè уште немаме завршено со пандемијата. Сè уште постои степен на несигурност, но тоа, потенцирам, не е поврзано со можноста за ограничување на економските активности. Земјата нема повторно да се затвори, нема да постојат ограничувања во економската активност, објасни грчкиот премиер.

Во пресрет на утрешниот почеток на новата учебна година, Мицотакис порача дека нивната намера е училиштата да останат отворени, учениците да следат настава со физичко присуство, иако рече дека не може да го предвиди текот на пандемијата, но апелираше до родителите и до децата над 12 години да се вакцинираат.

Изрази задоволство што осум од десет просветни работници се вакцинирани, со што Грција во овој дел е многу повисоко од други европски земји.

Не ја исклучи можноста, задолжителната вакцинација да се прошири и на други категории и покрај тоа што рече дека засега, тоа не е во директните приоритети на Владата.

За антиваксерите и нивните собири рече дека не верува дека зад нив стојат партии или тие да се поттикнати од политички партии.

– Антиваксери постојат секаде во светот и би рекол дека реакциите во Грција се релативно ограничени и во однос на тензијата и во однос на насилството, бидејќи во други земји е многу полошо. Разбирам дека постојат луѓе што се идеолошки против вакцините. Многу е тешко да се убедат, но самите и нивното семејство се ставаат под голем ризик, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер позитивно го оцени и текот на туризмот во земјата, велејќи дека во ова помогнал владиниот план, но и нивниот предлог за дигиталниот сертификат.

– Верувам дека ќе ја надминеме целта поставена во буџетот во однос на туристичката сезона. Мислам дека оваа година, она што го постигнавме во време на пандемија е дека имаме поголеми приходи без да имаме ист пораст на посетители и ова е важно. Треба успехот на туристичката сезона да не го броиме по бројот на пристигнувања, туку колку пари потрошиле посетителите на нашата земја, истакна Мицотакис.

Одговарајќи на новинарски прашања за односите со Турција, грчкиот премиер позитивно го оцени фактот што во 2021 година не постоеја тензии, истакна дека Грција сака добри односи со Турција, но со целосно почитување на меѓународното право и правилата на добрососедство.

За евентуална средба со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган на маргините на Генералното собрание на ОН, Мицотакис рече дека не е планирано такво нешто бидејќи не се поклопуваат датумите и програмите.

Објасни дека е во интерес на двете земји да се ограничат евентуалните мигрантски брановите од Авганистан, истакна дека Грција ефективно ги брани своите граници, кои воедно се и граници на Европа.

– Грција продолжува да усвојува стратегија на активно чување на границите. Ќе го прави тоа и во иднина, а резултатите се веќе видливи. Имаме намалување за 90 отсто на мигрантските бранови во споредба со она што се случуваше во 2019 година, а истовремено заштитивме многу животи во морето, објасни Мицотакис.

Паралелно истакна дека ќе ја уништи мрежата на нелегални криумчарења, нешто што во голема мера е постигнато и „евентуалните клиенти на криумчарите ќе знаат дека може да дадат 1.000 или 2.000 долари, но да не стигнат во Грција”.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Граѓани од Приштина на протест против задолжителното вакцинирање

Следно

ВИДЕО: Пандев и Џенова од 2:0 до 2:3, Удинезе минимално со Специја

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian