АУДИО СВЕДОШТВО Валентина Пешиќ: Во кумановската модуларна болница ми земаа мито за да го облечат дедо ми кој почина!

3 mins read

Откако нејзиниот дедо починал во кумановската модуларна ковид болница, болничарите и побарале мито од 3 илјади денари за да го облечат, а болницата на семејството не му дозволила да одбере со кое погребно претпријатие ќе го испрати во вечното почивалиште покојникот, сведочи за „Слободен печат“ кумановката Валентина Пешиќ. Според Пешиќ, болницата тврдела дека соработува само со едно погребно претпријатие и дека погребот и протоколарниот дел околу изнесувањето на покојникот од болничкиот објект морало да се случи исклучиво преку тоа погребно претпријатие.

Како што дознаваме, за случајот ќе се ангажира и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи облекување на покојник во ковид-центрите не е дозволено.

– Ни кажаа дека треба однапред да им платиме 3 илјади денари за да го облечат дедо ми. Мајка ми праша дали може да даде две илјади денари, бидејќи не носеше во моментот со неа повеќе пари. Ја одбија. Потоа им кажавме дека погребното претпријатие ќе го облече дедо ми. И тоа го одбија. Ни рекоа дека тие ќе викнат погребно претпријатие, дека соработувале само со едно и освен него, никој друг не ги носел починатите од ковид. Се збунивме, но бидејќи бевме во шок, мајка ми даде две илјади денари, а не и дадоа ни потврда дека платила, вели Пешиќ за „Слободен печат“.

Нашата редакција го објавува целосно аудио материјалот од нејзиното сведочење во продолжение. Во него таа низ солзи раскажува дека дедо и починал без вода и храна.

АУДИО СВЕДОЧЕЊЕТО НА ПЕШИЌ СЛУШНЕТЕ ГО ТУКА:

 

Директорката на болницата доктор Снежана Захариева е фрапирана од настанот. Таа за „Слободен печат“ рече дека ќе покрене кривична пријава за да се открие кој барал мито во болницата и нагласи дека нејзина лична наредба е во ковид-центарот да се истакнат (и биле истакнати) сите телефонски броеви од сите погребни претпријатија за да може семејството да одбере.

За неа апсолутно недозволиво е и претставува нарушување на репутацијата на клиниката да се фаворизира било кое погребно претпријатие. Таа најави санкции доколку се покаже како вистинито тврдењето на нашата соговорничка.

-Ќе се распрашам за сите правни можности за да видам кои можности ми стојат на располагање, за случајот ќе се ангажирам лично, ни рече доктор Захариева.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Пијанечко-Малешевскиот регион 14 кандидати за градоначалници со 15 советнички листи

Следно

Славчо Попоски со најнови детали за жешкиот бран: Од кога, колку долго ќе трае и колку степени нè чекаат?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian