Александер Зверев е убедев дека Новак Ѓоковиќ во недела ќе дојде до календарски слем, односно ќе слави во финалето на УС Опен и ќе стане првиот тенисер по Род Лејвер од 1969 година кој триумфирал на сите четири грен слем турнири во една година.
– Да бидам искрен, малку сум разочаран на начинот на кој го почнав петтиот сет. Освен тоа, ова беше добар меч, и двајцата го дадовме својот максимум. Кај вториот брејк на Новак во петтиот сет смешно беше колку немам среќа. Но, и тоа се случува. Новак со причина е најдобар и тоа го покажа во полуфиналето – изјави Зверев на прес-конференцијата по мечот.
Германскиот тенисер верува дека Ѓоковиќ ќе успее да го победи Данил Медведев во финалето и ќе го освои календарскиот слем.
– Тоа е одлично за спортот. Никој не веруваше дека некој ќе може да го повтори тоа што Род Лејвер го направи. Новак во недела има шанса и верувам дека ќе успее. Тој ги собори сите рекорди кои постојат. Доколку ја погледнете статистиката, ја погледнете играта – тој е најдобар на сите времиња. Никој не може да се споредува со него, највеќе недели е број еден тенисер на светот, има највеќе освоени мастерси, и најверојато ќе има највеќе освоено грен слем турнири, а сега има шанса да ги освои четирите најголеми турнири во една година. Што може да се споредува со тоа? – рече Зверев.