Во ковид-центарот влегувал кој сакал, никој не сака да ја лоцира одговорноста

5 mins read

Две од жртвите во пожарот во тетовската модуларна болница, и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка, се надворешни лица што не биле хоспитализирани, потврдува меѓу другото Основното јавно обвинителство во своето вчерашно соопштение. Од Обвинителството посочија дека причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини, сè уште се истражува.

Јавна тајна е дека членови на семејствата на болните од ковид во модуларната болница во Тетово која изгоре до темел – бдееле над своите роднини, односно им било дозволувано да присуствуваат во собите заедно со пациентите и да се грижат за нив, иако тоа е најстрого забрането. Ова за „Слободен печат“ го потврдуваат повеќе од десетмина граѓани што имале близок од семејството хоспитализиран во болницата, а регистрирано е и во репортажи на медиуми чии екипи влегле во тетовската модуларна болница непосредно пред таа да изгори, односно една недела пред трагичниот пожар. Истото за „Слободен печат“ го потврди и девојка чии татко и сестра меѓу последните избегнале сигурна смрт бегајќи преку искршен прозорец.

Спротивно на секоја епидемиолошка логика, и во состојба кога во Тетово неделно умираа и по неколку членови од исто семејство, со или без знаење на менаџментот на болницата, било дозволувано внатре да присуствува по еден ,,придружник“, со образложение дека нема доволно медицински кадар.

На прашање на новинарите дали ова ќе се санкционира, министерот за здравство Венко Филипче на завчерашната прес-конференција изјави дека „тоа е традиција што тешко се искоренува“, но негираше дека посетите биле дозволени поради недостиг на кадар. Тој не одговори директно дали директорите на болниците ќе бидат казнети за ова грубо кршење на мерките за заштита.

„Слободен печат“ го праша раководителот на ковид-центарот, доктор Гзим Нуредини, колку време траела оваа практика и зошто се случувала. Тој признава дека според протоколот таквата работа е забранета.

– Овде пациентите имаат роднини што биле надвор од објектот и при пожарот стрчале внатре да помагаат. Формиравме комисија во болницата за да видиме кои вработени ги пуштиле роднините внатре да ги чуваат пациентите. Сите сега го зборуваат тоа, а цела година не ме прашал никој за таа работа – ни изјави доктор Нуредини.

Министерот Филипче на прес-конференцијата најави дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе утврдува зошто посетители и придружници биле во болницата, кога тоа е спротивно на правилата. Сепак, ДСЗИ вчера соопшти дека таквата постапка би била незаконита, со оглед на тоа што на местото на трагедијата сѐ уште е во тек истрага на Јавното обвинителство.

„Во врска со трагичниот настан што се случи на 8 септември, ДСЗИ не може да утврди фактичка состојба по изминати два дена од настанот, понатаму, не постои налог од Министерството за здравство за вршење надзор и последно, но и најважно, во фаза на водење истрага од Јавното обвинителство, ниту министерот ниту кој било друг орган не може да му наложи на ДСЗИ да спроведува надзор над субјект што е предмет на кривично правна истрага. ДСЗИ ќе постапи и ќе ги стави на располагање сите свои стручни капацитети само врз основа на налог од ЈО“, се вели во одговорот од ДСЗИ до „Слободен печат“.

Медицинската заедница остро ја осуди практиката да се пуштаат цивили во ковид-центрите.

– Сите одговорни во раководењето на тетовската болница треба да бидат разрешени. Шокантно е да се дознае дека во тој ковид-центар имало и роднини на пациенти. Тие внатре влегувале и излегувале кога сакале и тој ковид-центар не служел само за лекување туку тоа било жариште за проширување на инфекцијата – вели инфектологот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, доктор Фадил Цана.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Радев го прашал лидерот на ДПС Карадај која му е татковина – затоа нема да добие поддршка за втор мандат  

Следно

Јавноста бара брза и ефикасна истрага за пожарот во Тетово

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian