Сексот е лек за затнат нос, корумпираноста не зависи од дебелината на политичарите

5 mins read

Истражувањата за јазиците и за дијалектите со кои мачките разговараат со „своите миленици“, за сексот како лек за затнат нос или за видовите бактерии што виреат во изџвакани и фрлени мастики ги заслужија годинешните Игнобелови награди што се доделуваат веќе 31 година.

Многумина ги сметаат Игнобеловите за пародија на „вистинските“ Нобелови, кои вообичаено се доделуваат во октомври, но творците на овие признанија веќе 31 година наведуваат: „Наградуваме откритија што ги тераат луѓето да се насмеат, но потоа и да размислат“.

На церемонијата што поради пандемијата и годинава се одржа без публика во театарот на Универзитетот Харвард, беа доделени десет награди на ингениозни економисти, математичари, доктори и други научници од 24 земји на сите континенти.

Новитет годинава беа серијата предавања 24/7, на кои истакнати професори имаа по 24 секунди плус седум збора за да го изразат својот став на избрана тема.

Игнобеловата награда за биологија ја доби Сизане Шец, за анализата како сопствениците на мачки комуницираат со своите миленичиња. Шец со години ја истражувала хипотезата дека мачките го менуваат тонот на мјаукање за да изразат различни потреби во различни ситуации.

Наградата за екологија ја поделија Лејла Сатари, Алба Жулен, Ангела Видал-Верду и Мануел Поркар за генетско испитување на илјадници изџвакани мастики фрлени на тротоар за да се идентификуваат бактериите во нив. Научниците сметаат дека нивното истражување може да биде од полза за епидемиолозите и за форензичарите.

Дури десет научници ја поделија Игнобеловата награда за хемија, поради тестирање на воздухот во киносалите за да утврдат дали гасовите што ги испуштаат гледачите се во корелација со различни жанрови на филмови.

Наградата за економија ја доби Павло Балавацкиј, поради откритието на врска меѓу дебелината на политичарите со нивото на корупција во системот во кој служат. Заклучокот е дека корумпираните политичари се корумпирани, без оглед дали се дебели или тенки.

Најатрактивното истражување што годинава заслужи Игнобелова награда е она за медицина. Олџај Џем Булут, Даре Оладокун, Буркард Липерт и Ралф Хохенбергер ја поделија наградата за медицина поради истражувањето на ефикасноста на оргазмите за одзатнување на носот. Заклучокот поттикнува на повеќе секс – оргазмот се покажал еднакво ефикасен како и средствата за прочистување на носот што може да се купат во аптеките.

При истражувањето, од низа двојки било побарано со специјален уред да го измерат протокот на слузница низ носот пред сексуален однос, непосредно по климаксот и уште неколкупати потоа во определено време. Заклучокот бил дека оргазмот давал подобри резултати од специјалните спрејови за одзатнување нос барем еден и пол час по сексот. Потребни се дополнителни истражувања за да се открие начинот на кој климаксот влијае врз лачењето слузница во носот.

Наградата за физика ја поделија петмина научници, кои детално истражиле зошто пешаците не се судираат цело време во метежи на тротоарите, а наградата за кинетика други четворица, кои заклучиле зошто пешаците, сепак, понекогаш се удираат еден во друг.

Џон Малренан Џуниор, Роџер Гротхаус, Чарлс Хамонд и Џеј Ламдин ја поделија наградата за ентомологија поради истражувањето на нова метода за решавање на исклучително редок проблем – како да се уништат лебарки во подморница.

Дури тринаесетмина научници ја добија Игнобеловата награда за транспорт, поради истражувањето дали успаните носорози е подобро да се транспортираат врзани за нозе или во хоризонтална положба.

И, конечно, Игнобеловата награда за мир, која не е стандардна награда секоја година, е доделена на Итан Берсерис, Стивен Нејлвеј и Дејвид Кериер поради истражувањето на хипотезата дека на мажите еволутивно им пораснале брада и мустаќи за да ги ублажи подобро ударите со тупаница во вилицата. Навистина, брадосаните мажи полесно поднесуваат удари отколку голобрадите.

Сѐ повеќе професори и доктори се пријавуваат да се натпреваруваат за Игнобеловите награди, кои во исто време ја поттикнуваат креативноста на истражувачите. Лауреатот Дејвид Кериер, професор по биологија на Универзитетот Јута, вели дека долго време се колебал дали да се пријави.

– Кога слушнав дека сум награден, бев нервозен. Си мислев, дали воопшто ја сакам оваа награда? По малку истражување заклучив дека ја сакам – вели професорот.

Наградите веќе три децении наназад ги доделува магазинот „Анали на неверојатните истражувања“, а водителот Марк Абрахамс традиционално ја затвора церемонијата со пораката: „Ако годинава не сте добиле Игнобелова награда, а особено ако сте добиле, повеќе среќа идната година“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФИФА пресече: Премиерлигашите ќе може да сметаат на бразилските фудбалери

Следно

Барселона сега има пари, подготвува зимска трансфер бомба

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian