Две децении од нападот што ги промени Америка и светот

4 mins read

И денеска, како на секој 11 септември во изминатите 19 години, Америка повторно за момент ќе запре за да им изрази почит на речиси трите илјади луѓе што загинаа во ужасните терористички напади врз кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк, врз Пентагон во Вашингтон, како и при уривањето на патничкиот авион во Пенсилванија.

Веќе ден потоа, Американците ќе ѝ се вратат на реалноста, која во многу аспекти беше дефинирана токму на 11 септември 2001 година, од засилениот надзор врз граѓаните, па до „вечните војни“.

Токму повлекувањето од Авганистан, пред само неколку недели, покажа дека воената интервенција темелно го променила светот, но не постигнала ништо – талибанците повторно се на власт како и пред 20 години, тероризмот не само што не е искоренет, туку е веројатно пораспространет низ светот. Американците ја платија својата одмаздничка операција со повеќе од 6.000 човечки животи, двојно повеќе отколку што загинаа на 11 септември. Цената во долари, пак, надминува 2.000 милијарди, а може да достигне и тројно повеќе, ако се пресметаат инфлацијата, каматите и сумите за помош на воените ветерани.

Годишната церемонија ќе се одржи на њујоршката Меморијал плаца, каде што членовите на семејствата на жртвите ќе се соберат и ќе бидат прочитани имињата на жртвите. При нападот загинаа 2.753 луѓе, а до денес, по изминати 20 години, идентификувани се само 1.646.

– Без оглед колку време ќе помине по 11 септември, нема никогаш да заборавиме и ќе ги користиме сите средства што ни се достапни за да обезбедиме останките од сите загинати да им ги вратиме на нивните семејства – изјави докторката Барбара Сампсон, шефица за обдукција во градот Њујорк.

Најбитна промена во САД беше законот наметнат на 18 септември, со кој на тогашниот претседател Џорџ Буш му беше дадена моќ да ги мобилизира сите средства и механизми за борба против Ал Каеда, посочена како одговорна за нападот, што доведе и до воената интервенција во Авганистан, но и заострување на контролата врз Американците. На 26 октомври беше усвоен контроверзниот Патриотски закон, со кој беа проширени овластувањата на службите за прислушување на американските граѓани, заради рано откривање и пресретнување терористички акции, а беа и разлабавени критериумите за третирање осомничени терористи. Тоа овозможи авторизација на „бесконечно долг притвор“ без закажано судење, како и претреси и снимања без соодветен налог и согласност.

Во 2002 година беше формирано новото Министерство за домашна безбедност, кое, меѓу другото, го заостри односот кон мигрантите, а разните разузнавачки агенции беа здружени во Разузнавачка заедница.

Една од индиректните последици на 11 септември е и полесното и забрзано ширење теории на заговор, кои од година в година имаат сѐ повеќе следбеници, а создаваат глобални групи и култови. Дваесет години не запира мешањето на фактите за нападот врз САД со нови митови, кои се провлекуваат како „вистини“, дури и меѓу конгресмени и сенатори, влијателни личности и естрадни ѕвезди. Една што се чини дека е од најновите, лансирана од движењето Кјуанон – дека за нападите на 11 септември не е одговорна Ал Каеда туку „длабоката држава“ во Вашингтон – всушност е една од првичните, но масовно се прошири дури 15 години подоцна.

За ширењето вакви теории, придонесува и забраната за објавување на строго доверливиот извештај за истрагата што ја спроведе Федералното биро за истрага, кој можеби содржи детали дека и странски влади биле вмешани во терористичкиот напад.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Последен ден за поднесување кандидатури за локалните избори на 17 октомври

Следно

Истрагата помогната од меѓународни експерти ќе ги даде сите одговори

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian