Бројот на заразени расте, за две недели сите онлајн?

6 mins read

Една недела по почетокот на учебната година расте бројот на заразени ученици и наставници во основните и во средните училишта во земјава, но властите смируваат дека ситуацијата е под контрола.

Дека ситуацијата е алармантна мислат и наставниците со кои разговараше „Слободен печат“. Тие велат дека не се прашани за избор, држат настава и во живо и онлајн, вакцинирани се, но не веруваат дека тоа ќе ги заштити. Во однос на ситуацијата со заразени ученици во училиштата, посочија дека учениците намерно ги исмеваат протоколите за да бидат интересни.

– Се доближуваат, се групираат, ги спуштаат маските на брада, а престојување на поголем број луѓе подолго време во затворени простории е број еден начин за заразување со коронавирусот – се пожали наставничка од едно скопско училиште.

Во велешките училишта засега се регистрирани тројца основци и шест средношколци позитивни на ковид-19. Позитивни се и двајца директори, еден од основно и еден од средно училиште, еден наставник, еден педагог и еден психолог од основно училиште, како и една хигиеничарка во градинка.

Родителите на учениците од тетовското основно училиште „Лирија“ биле известени дека наставничката е болна од ковид-19 и дека сите ученици одат во изолација. Наставата во основните училишта во Тетово се изведува со физичко присуство, а средношколците, во согласност со одлуката на Владата учат онлајн поради големиот број заразени од ковид во овој регион.

Според надлежните од секторот за образование во Општина Куманово, заразени со коронавирусот се 9 наставници и 30 ученици, кои сега се префрлени на онлајн настава.

Во Штип, во последните 24 часа се регистрирани 4 нови случаи на заразени ученици, со што бројката во четвртокот изнесуваше 8. Со последните случаи во изолација одат 20 ученици. Заразени се и тројца наставници. Од кризните штабови на Штип и Карбинци велат дека во училиштата се почитувале препораките и дека децата се заразиле по наставата.

Директорот на штипското основно училиште „Ванчо Прќе“, Методи Папаров, објасни дека поради негрижа на родителот, цело одделение е во изолација, бидејќи додека ученикот бил болен, неговата сестра посетувала настава.

Активистите за поддршка на онлајн наставата посочија како проблем дека кога ученикот ќе пројави симптоми на настинка, најчесто родителите не го тестираат од ковид-19 и чекаат да му помине, а за тоа време тој ја шири заразата како „темпирана бомба“. Микробиологот Никола Пановски уште пред почетокот на училишната година предвиде дека со ваков протокол, за две-три недели сите ученици ќе следат настава онлајн.

Многу родители и наставници се уверени дека иднината е во наставата онлајн, но бараат од владата да обезбеди услови како што ветувала.

– Зошто училиштето нема ниту еден службен лаптоп за единствените 5 деца што се пријавиле за онлајн настава од предметните одделенија, а сите се од ист клас – прашува родител на ученик од Скопје. Друг родител посочи дека во училницата нема интернет бидејќи сѐ уште не набавило рутери.

Министерството за образование и наука секој ден од училиштата бара информации за тоа колку ученици ја следат наставата со физичко присуство, а колку од нив учат онлајн. Таму се прават секојдневни анкети и така се следи дали има ученици позитивни на ковид. Информациите училиштата ги споделуваат до институциите кои тоа го бараат од нив.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека бројот на ученици што се заболени засега е мал.

– До крајот на минатата недела во четири скопски општини, во по две училишта во секоја од општините, имаше по едно заразено дете со мал број контакти. Денеска дополнително се регистрирани уште два ученика, еден од Велес и тоа е за првпат во внатрешноста и во уште едно училиште во Скопје, што значи дека навистина е мал бројот на деца што досега се евидентирани како заболени – изјави Филипче.

Министерката за образование Мила Царовска вели дека планот и протоколите за настава доследно се почитуваат и засега нема трансмисија на вирусот во училиштата. Според неа, процентот на активни случаи кај учениците и кај наставниците е 0,02.

Странски искуства: Лажираат тестови за да не одат на училиште

Во Србија, 379 паралелки се префрлија на онлајн настава, што е 0,9 отсто од вкупно 38.187 паралелки од 1.666 образовни институции. Тамошното Министерство за образование информираше дека училиштата се префрлаат на учење на далечина во согласност со Препораките за настава, според кои кога има два потврдени случаи на ученици во еден клас или група, целото одделение се префрла на онлајн часови 10 дена.

Во Велика Британија учениците почнаа масовно да ги лажираат резултатите од брзите ковид-тестови за да не одат на училиште, а триковите ги споделуваат на социјалните мрежи. Британските образовни власти побараа одговорност од родителите за злоупотребата на тестовите.

Ученици во САД, пак, најдоа слабост на системот и ги лажираат резултатите на онлајн тестирањата, внесувајќи само клучни зборови на местото каде што треба да напишат одговор.

Кичевските ученици се вратија во клупите

По една недела онлајн настава поради влошената епидемиолошка состојба, во средните училишта  ОСУ„ Мирко Милески“ и ОСУ „Дрита“ во Кичево, наставата повторно е со физичко присуство, откако Министерството за образование и наука со допис информираше дека се исполнети условите. Настава со физичко присуство во овие две училишта ќе следат повеќе од 1.500 ученици од прва до четврта година.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бајден повика на национално единство сега кога се одбележуваат 20 години од нападите на 9/11

Следно

Новак: Во финалето ќе играм како да ми е последен меч во кариерата

Latest from Blog

АРСОВСКА ЈА ЧУВААТ СПЕЦИЈАЛЦИТЕ НА МВР – градоначалничката „се плаши“ да излезе и да се сретне со приватните превозници, но и со новинарите! (ФОТО)

Откако денеска беше најавен протест на приватните превозници градот Скопје буквално опколено со полициски службеници. Градоначалничката

MacedonianEnglishAlbanian