Јавноста бара брза и ефикасна истрага за пожарот во Тетово

9 mins read

Само брза, темелна и објективна истрага за катастрофалниот пожар во тетовската монтажна ковид-болница, во кој загинаа 14 лица, ќе ја смири зовриената јавност, која итно бара одговори за тоа како настанал пожарот, кој е одговорен и дали останатите 18 исти вакви модуларни болници низ градовите во Македонија се безбедни за пациентите. Особено што пожарот се рашири со огромна брзина, а преживеаните имаа помалку од минута да спасат жива глава.

Јавното обвинителство вчера ја заврши истрагата на терен од каде што се собрани сите потребни докази, изјави од учесниците во настанот и од сведоците, како и видеоснимките од околните камери. Обвинителите од вчера ја проверуваат и целата документација што е поврзана со изградбата на објектот, откако тетовската полиција ја одзеде од самата болница и од правното лице изведувач на изградбата. На обвинителите ќе им помагаат и германски експерти од Федералната криминалистичка полиција (БКА).

Истовремено Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција почна истрага и за набавка на 19 модуларни болници, кои Владата ги набави од компанијата „Брако“ во итна постапка со непосредно договарање, со кредит од Светската банка од 3,6 милиони евра.

Осуммина се спасија низ еден прозорец

Вчера во јавноста протече снимка од истрагата од една надзорна камера, на која се гледа како седум од вкупно преживеани 12 луѓе се спасуваат самите рипајќи од еден прозорец, а целиот објект пламнува како факел за пократко од минута.

Од ОЈО соопштија дека видеоснимките од Клиничката болница во Тетово, од и околу болницата, од околните деловни и станбени згради, куќи, како и од индивидуалните поединци се вештачат и се очекува да помогнат во расчистување на настанот.

– Донесени се наредби за подигнување материјални докази и обезбедување на трагите од местото на настанот, како и наредби за нивно вештачење, со цел утврдување на причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Во таа насока донесена е наредба за ангажирање вешто лице од областа на електротехниката, кое беше присутно и на самото место во опожарениот објект и чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Сослушани се дел од сведоците од местото на настанот, дел од медицинскиот персонал што бил присутен во модуларната болница, а се сослушуваат и останатите лица што можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар –  информираа од ОЈО.

Основното јавно обвинителство во Тетово, пак, проверува дали и колку биле почитувани прописите заштита при работа, како и прописите од противпожарната заштита.

– Имајќи ја предвид итноста и карактерот на трагичниот настан, во кој животот го загубија 14 лица, а во соработка и со други надлежни институции, односно со Дирекција за заштита и спасување, со полициски службеници од ОКТИВ при МВР-Скопје, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица, ги преземаа сите неопходни мерки и активности, со цел да спроведе итна истрага, во насока да се утврдат причините за трагичниот настан – истакнаа од ОЈО.

Филипче молчи во име на истрагата

Министерот за здравство Венко Филипче завчера попладне одби да одговори на повеќе новинарски прашања за тоа како е пуштена да работи модуларната болница, дали техничкиот прием е направен на „голиот објект“, а потоа се вградени електрични и водоводните инсталации, како и дотокот на кислород, зошто не бил присутен службеник на Дирекцијата за заштита и спасување при техничкиот прием, што е нужно по протоколите, од каков материјал се изградени панелите, дали материјалите се огноотпорни, дали во болницата имало противпожарни апарати, тавански прскалки и аларми за чад итн. Министерот Филипче не одговори ниту која е фирмата што правела атест на вградените материјали.

– Овие делови во однос која е компанијата и какво било примопредавањето е дел од истрагата и јас не би сакал да изнесувам информации. Болницата е примопредадена од министерството на болницата, целосно средена во согласност со техничката документација, без никакви недостатоци. Излезе една информација што упатува дека има недостатоци и тоа е нешто што е укажано и официјално, а официјално е предадено откако тие недостатоци се поправени, а станува збор за минорни нешта, како што е лајсна во ходниците или чистење некои технички простории. За такви забелешки стануваше збор. Дозволете на сите овие конкретни прашања што ги поставувате, тие сите ги имаме во документацијата, но би почекале институциите да кажат – рече министерот.

Од Министерство за здравство соопштија дека сите 19 модуларни ковид-болници се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди.

– Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени по технички прием. Вградените материјали се сертифицирани. Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорците се ниски за во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците и сл. По овие барања е постапено и тие се санирани пред пуштањето во употреба и хоспитализацијата на пациенти. Овие документи ќе ѝ бидат доставени на увид на јавноста. Ковид-центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи – посочуваат од ресорното министерство.

Оттаму апелираат да не се шпекулира со ваквите информации.

– Министерството за здравство очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа стравотна несреќа. Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и, секако, одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид-центри беа и сѐ уште се клучни во справувањето со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Тие се градени по највисоки стандарди, а набавката што ја правеше Министерството за здравство е во согласност со стандардите за ваквите болници што се користат во многу земји во светот – посочува Министерството за здравство.

Хелсиншкиот комитет инсистира на објективна истрага и одговорност

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и инсистира на објективно и навремено расветлување на големата трагедија во тетовската модуларна болница.

Комитетот, како што наведоа оттаму, бара и очекува од надлежните институции да спроведат темелна истрага, со која ќе се утврдат причините за пожарот што одзеде 14 човечки животи, како и да преземат мерки за утврдување одговорност кај лица и институции, особено во поглед на превентивните мерки за заштита и почитувањето на здравствените и безбедносните протоколи во болницата во Тетово.

– Оваа огромна загуба оправдано ја зголемува недовербата на граѓаните во институциите на системот и затоа е клучно истрагата да се одвива професионално и транспарентно. Само на тој начин надлежните органи може да го минимизираат просторот за шпекулации во јавноста и последователните штети, кои во голема мера може да го загрозат справувањето со последиците од пандемијата – истакнаа од Комитетот.

Со оглед дека во изминатава година се изградени 19 модуларни болници, а имајќи ги предвид информациите дека е отворена посебна истрага за оваа јавна набавка, Обвинителството треба во најкус можен рок да излезе со информации што ќе ги расчистат дилемите околу безбедноста на овие објекти, наведува Хелсиншкиот комитет и ја поздравува одлуката во истрагата да се вклучат и странски експерти.

ВИДЕО: Филипче соопшти дека понудил писмена оставка до Владата

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во ковид-центарот влегувал кој сакал, никој не сака да ја лоцира одговорноста

Следно

Последен ден за поднесување кандидатури за локалните избори на 17 октомври

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian