Во Судска медицина на обдукција предадено уште едно, 15-то тело од модуларната болница

3 mins read

Дејствијата кои ги преземаат петтемина обвинители за утврдување на причината за настанување на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, во континуитет продолжуваат, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Донесени беа наредби за вршење на судско-медицинска обдукција и идентификација на телата на починатите до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицински факултет во Скопје.

Од доставените извештаи до обвинителството се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани, информираат од ЈО и додаваат дека причината за нивното присуство во моментот на несреќата се истражува.

Во Судска медицина во меѓувреме на обдукција е донесено уште едно тело на 15-та почината во модуларната болница во Тетово која не е жртва на пожарот, но ЈО побарало обдукција.

Станува збор за девојка од 20-тина години, со церебрална парализа, која во моментот на избувнување на пожарот докторите ја реанимирале, но одеднаш се појавил пожарот, нејзината реанимација е прекината, и заедно со мајка и и медицинскиот персонал веднаш е извлечена надвор, без повреди или изгореници од пожарот.

Девојката откако починала била однесена дома, но обвинителството дополнително ја додаде во овој кривично-правен настан и побара нејзина обдукција.

Во меѓувреме, во судска медицина завршена е обдукцијата на 14-те жртви во пожарот. Причината за смртта кај сите е изложеност на висока температура, изгореници и задушување. При крај е и ДНК анализата, а обвинителството ќе добие извештајот во текот на денот.

Инаку, Обвинителството презеде мерки за обезбедување на видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.

Исто така, Обвинителството издадло наредба до СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од правното лице – изведувачот на изградбата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ДСЗИ нема да влезе во тетовската болница да испитува како пациентите имале придружници

Следно

Очекувано: Николов и Начевски ќе ја делат правдата и на ЕП 2022

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian