Пописот продолжува забавено поради техничките проблеми

2 mins read

Иако темпото е забавено поради технички усовршувања и интервенции на апликацијата, пописот продолжува и до вчера беа попишувани приближно 200.000 граѓани, изјави за „Слободен печат“ Јасмина Ѓоргиева од Секторот за односи со јавноста при Државниот завод за статистика (ДЗС).

– Поради ова, мораме да го намалиме темпото, односно да го диригираме темпото, во зависност од тоа како се одвива интервенцијата врз апликацијата – вели Ѓоргиева.

Од ДЗС информираат дека во одредени период на денот, на терен се диригиран број попишувачи.

– Не ги пуштаме сите 4.500 попишувачи одеднаш, туку само одреден број за да може да се испроба апликацијата и да се провери дали уште се јавуваат технички проблеми – вели Ѓоргиева.

Таа додаде дека немаат пријави на одбивање на попишувачите поради тоа што не се вакцинирани, но имале „смешно“ барање од граѓани дома да им влезе невакциниран попишувач.

Од ДЗС ни објаснуваат дека и по десетпати во текот на еден ден паѓа системот, но има можност тој повторно да се подигне.

– Апликацијата за попишување ја изработи конзорциум од неколку фирми кои сега се грижат за подобрување на техничките решенија. Кога ќе го решат проблемот, најверојатно тие ќе излезат и со детали околу тоа – велат од ДЗС.

Само неколку случаи граѓани одбиле да се попишат, но ДСЗ смета дека таа бројка не е загрижувачка.

– Што се однесува до одбивањето на граѓаните да се попишат, има неколку случаи, но сметаме дека таа бројка не е алармантна. Заводот одлучи тоа да пробаме да го решиме на поинаков начин. Имаме простор до 30 септември, до кога треба да трае пописот. Државните инструктори ќе се обидат да разговараат со тие семејства. Досегашната динамика на попишување е гаранција дека успешно ќе бидат попишани населението, домаќинствата и становите на територијата на целата земја – информираат од ДЗС, но не ни кажаа колкава е досега бројката на тие што одбиваат да се попишат.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Австриец една година го чувал телото на починатата мајка за да ја добива нејзината пензијата

Следно

Вкупно 14 921 лице извршиле увид во избирачкиот список

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian