Понудена оставка на Филипче: „Топката“ е во рацете на Заев

4 mins read

Министерот за здравство Венко Филипче покажа човечки и професионален интегритет и чувство за морална одговорност понудувајќи оставка од морални причини од неговата министерска позиција. Нешто пред него, оставка, како „највисок морален чин“ и почит кон жртвите, поднесе и неговиот заменик, Илир Хасани, како и двајцата раководители на Тетовската болница, Бесими и Етеми, чувствувајќи морална одговорност за трагедијата во нивниот ковид-центар.

„Како лекар и министер имам интегритет, затоа од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, изјави Филипче на прес-конференцијата. Тој го повтори својот став, повторуван неколку пати во јавноста деновиве, дека трагедијата во тетовската модуларна болница многу го погодила и повторно изрази сочувство до семејствата на загинатите.

„Жалам за загинатите, сочувствувам со семeјствата. Нема зборови што тоа може да го опишат, ниту начин да се надомести загубата“, кажа Филипче, заблагодарувајќи се на сите кои веруваа во него и го поддржуваа во неговата работа, како и во одговорните задачи и предизвици со кои се соочувал особено во последните осумнаесетина месеци, за време на пандемијата.

Оставката на Филипче „висеше во воздух“ во последните два дена и покрај неговите претходни најави дека за тоа ќе причека, откако барем првично ќе се утврдат индициите за трагедијата во Тетово. Истрагата за тетовската болничка катастрофа е во тек и според сите индиции, причините се сепак од техничка природа, иако на површина излегоа низа организациски и кадровски проблеми и пропусти во начинот на кој функционирал тој ковид-центар кои не мораат да имаат директна врска со пожарот, но имаат врска со здравствената култура и во болничките и во граѓанските сфаќања на безбедноста кога се во прашање овој вид на сериозни здравствени предизвици. Впрочем, истрагата мора точно да ги утврди причините и одговорноста за немилиот настан, што го бара целата јавност во државата – а и Законот.

Но, понудената морална оставка на Филипче и дадените оставки на Хасани и раководителите на Тетовската болница нудат отрезнувачка шанса за сите нивоа на одлучување во државата, а не само во здравството, дека не треба да се следи само духот на законите и прописите, туку, буквално, и нивното слово, бидејќи трагедиите не бираат власт или партија кога ќе се случат, туку се резултат на синџир од, навидум, баналности од чие почитување зависат и човечки животи. Како во случајот со бродската несреќа во Охрид пред 10 години, поплавите во Стенковец во 2016 година или превртувањето на автобусот на патот Скопје-Тетово во февруари 2019 година, при кои загинаа или беа повредени десетици недолжни граѓани.

Што ќе прави Заев со понудената оставка?

Дилемата и не е толку голема: таа мора да се прифати, не само заради политички опортунитет – притисокот на опозицијата и на дел од јавноста – туку и заради принципите на кои постојано инсистира самиот Заев, дека во државата мора да има и морална, политичка, а не само фактичка, кривична одговорност за немили настани.
Таквата одлука на Заев сигурно тешко ќе му падне, бидејќи Филипче му е еден од најблиските соработници и во партијата и во Владата, но заевата одговорност пред јавноста не остава голем простор за одбивање на понудената оставка на Филипче. И тука нема многу што да се додаде.

Но, пред лавината од тагувања и ликувања заради овие оставки, може ли сите да се запрашаме дали дома или на работното место ни работат противпожарните хидранти по зградите, колкумина од нас имаат противпожарни апарати по домовите и дали излезите за евакуација ни се одблокирани од полиците со зимница… Тоа би била научената лекција од трагедијата во Тетово и така овие оставки би имале „повисока“ општествена смисла. Во спротивно, секоја оставка – „чудо за три дена“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бугарија: Лековите за ковид-19 ќе бидат бесплатни за пациентите кои се лекуваат дома

Следно

Роналдо е фабрика за пари: Јунајтед веќе го исплати трансферот на Португалецот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian