Бруно Фернандеш не може да се договори со челниците на Манчестер јунајтед околу новиот договор.
Португалецот во минатата сезона беше еден од најдобрите играчи на „црвените ѓаволи“ и за очекување беше дека управата ќе мора да му понуди нов договор, но двете страни не можат да најдат заеднички јазик. Проблемот не е во висината на платата туку во откупната клаузула.
Манчестер јунајтед му нуди на Фернандеш годишна плата од 18 милиони евра што е прифатливо за фудбалерот, но неговиот агент Мигуел Пињо бара во новиот договор да се вметне и откупна клаузула според која играчот ќе може во секој момент да си замине од „Олд трафорд“ кога некоја екипа ќе ја активира истата.
Според англиските медиуми, Фернандеш има голема желба во иднина да се пресели во Ла Лига и да го облече дресот на Реал Мадрид и Барселона, и токму поради тоа неговиот агент инсистира во новиот договор да се вметне и откупна клаузула.
Но, Манчестер јунајтед нема проблеми само со Фернандеш, туку и со Пол Погба кој е решен на крајот до сезоната да си замине како слободен играч и тоа најверојатно во Реал Мадрид или ПСЖ.
Наводно управата и менаџерот на Јунајтед се помирени со ваквата одлука на Погба и веќе почнаа да ја бараат неговата замена. Изборот падна на Деклан Рајс од Вест Хем, но неговиот трансфер ќе преставува тешка мисија за „црвените ѓаволи“ бидејќи „чеканите“ за својот играч бараат 100 милиони фунти.