МЗ: 80 проценти од новите случаи и 84 отсто од хоспитализираните со ковид-19 се невакцинирани

1 min read

Во период од 6 август до септември на територија на државата како позитивни на ковид-19 се потврдени 26 053 граѓани, од кои 19 проценти, односно 5175 лица, биле целосно вакцинирани. Според статистика за изминативе пет недели, 20 878 граѓани, односно дури 80 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани, информира Министерството за здравство. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84 отсто, додека само 16 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

– Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со ковид-19, од кои 591 пациент или 87 проценти не биле вакцинирани, а само 87 или 12 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, се вели во соопштението од МЗ.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и со „Модерна” и „Џонсон и Џонсон”, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

– Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација: секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, се посочува во соопштението.

Од Министерството појаснуваат дека за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО | Се појавија снимки од безбедносните камери: Страв и паника во првите моменти од трагедијата во Тетово

Следно

Либан конечно формира нова влада по повеќе од една година блокада

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian