Канадската тенисерка не го криеше воодушевувањето од пласманот во финалето на УС Опен.
Фернандез во полуфиналето ја совлада втората носителка Арина Сабаленка со 7:6,4:6,6:4 и си закажа финална пресметка со второто големо изненадување на грен слем турнирот, британската тинејџерка Ема Радукану.
– Сабаленка одлично го започна мечот, но мило ми е што знаев како да реагирам и да се борам за секој поен. Клучен момент на мечот беше триумфот во тај-брејкот во првоит сет. Таа беше подобра во вториот сет и знаеше да ги искористи грешките кои ги направив. Се боревме до крајот и среќна сум што тоа беше борба за секоја топка како да беше последна – беа првите зборови на Фернандез.
Канаѓанката откри и една анегдота од детството кога многумина не верувале дека таа ќе стане професионална тенисерка и ќе има успеси.
– Многумина се сомневаа во мене. Ми зборуваа дека никогаш нема да станам професионална тенисерка и да му се посветам на учењето. Се сеќавам на зборовите на мојата учителка која ми рече да престанам да тренирам тенисер, дека никогаш нема да станам некој во овој спорт и да му посветам на учењето. Тие зборови секој ден ми се вртат во главата, но исто така секој ден си велам да продолжам да се борам за својот сон – вели Лејла Фернандез.
Овогодинешното издание на УС Опен може да биде камен темелник во кариерата на младите тенисерки. Фернандез до финалето дојде преку победите над две грен слем шампионки и поранешни број еден тенисерки на ВТА ранг листата, Наоми Осака и Анџелик Кербер, додека Радукану е првата тенисерка во историјата на УС Опен која од квалификациите се пласира во финалето.
– Финалето ќе ми помогне да ја зголемам вербата во себе, да сватам дека мојот потенцијал нема граници и дека можам да играм три сета со најдобрите тенисерки. Знам, можам да ги победам, мојата ментална сила беше една од предностите. Уживам во секоја минута на овој турнир, но и надвор од терените – додаде Лејла Фернандез.