Двајца полесно повредени пожарникари имало при гасењето на пожарот во тетовската модуларна болница

3 mins read

Игор Симовски е еден од двајцата повредени пожарникари од тетовската територијална противпожарна единица при гаснењето на пожарот во модуларната болница во средата, кој на средба со новинарите раскажа и за предизвиците со кои се соочиле тој и неговите колеги. При интервенцијата му се повредени двете потколеници од нозете.

– Електричната енергија не беше исклучена, кислородот не беше исклучен и не можеше да се влезе, се гасеше под голем ризик. Можеше да настрада и некој пожарникар од струен удар, имаше детонации од боци, мене ми пукна боца под колено. Фала му на Господ со опрема стара 20 години ме спаси, кај нозете. Ме однесоа до хирургија, примив помош и инфузија. Сега сум добро. Еден колега при пад има истегнување на лигамент. Морам да ја потенцирам големата храброст на колегите што беа на работа, бидејќи знаеја какви услови и каква опасност има внатре. Иако сите знаеја дека струјата не е исклучена – уште кога дојдовме почнаа да пукаат жиците, пукаше и саатот, продолжија со работа да се изгасне огнот, изјави Игор Симовски.

Тој објасни дека пожарникарите се соочиле со висока температура на огнот поради присуство на кислородот.

– Кислородот влијае многу, најмногу и пет пати ја зголемува температурата. Возилата беа на оддалеченост на метар, метар и половина од објектот и беа стопени. Ако била колата стопена, тогаш пожарникарот ако пробал да влезе додека има оган за да се обиде некого да спаси, заштитната опрема може да му помогне само 30 секунди, а после ќе изгори. Прво требаше да се изгаси огнот, па да се влезе. Се ова е сторено кога беше изгаснат огнот. Температурата беше огромна, возила беа стопени што беа надвор, а замислете како беше внатре, ја долови тој состојбата од средата навечер.

Според негови проценки, првото возило стигнало на местото за четири минути, но објектот веќе бил целиот во оган.

– Само што го примивме повикот, ПП возило за четири минути дојде. Кога стигна првото возило целата болница од почеток до крај беше во пламен. Немаше шанса да се влезе внатре во просториите затоа што имаше голема температура. Колегите што бевме на смена и што беа повикани од дома, се трудеа да го изгаснат огнот за да можеме да влеземе барем тие што може да се спасат. Криво ми е што не можевме внатре да влеземе и да ги спасиме луѓето. Првите тела се извадени од предната страна кај што можело, најверојатно мртви зашто нема никој жив извадено откако дојдовме ние. На почетокот, кога почнал пожарот тие што веднаш излегле се спасиле. Тие што останале внатре не. Пожарот кога почнал се раширил за една до две минути и го фатил целиот објектот, раскажа Симовски.

Огнот, посочи, целосно беше ликвидиран за еден час.

Извор: МИА

НЕ НАСЕДНУВАЈТЕ Видеото со пожарот наводно од модуларната болница во Тетово е лажно

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Почина поранешниот португалски претседател Хорхе Сампајо

Следно

Германски експерти од Федералната криминалистика пристигнуваат деновиве во Македонија за да ја помогнат истрагата околу несреќата во Тетово

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian