(ВИДЕО) Филипче: Тешко се менаџираат посетите во ковид-болниците, засега нема разрешувања поради прекршените протоколи

2 mins read

Во своето прво обраќање до јавноста по синоќешната трагедија во Тетово, во која загинаа 14 лица, министерот за здравство Венко Филипче се соочи со бројни прашања околу тоа кој ќе понесе одговорност за трагедијата, но не понуди конкретни одговори. Тој рече дека бил свесен оти, наспроти ковид-протоколите, имало посети во болницата, но додаде дека не се знае дали меѓу жртвите имало членови на семејствата на пациенти, а тоа треба да го утврди истрагата.

„Тоа е традиционална глетка во нашите болници. Посета има практично секогаш. И од лично искуство, знам дека тоа тешко може да се изменаџира, со роднините и сите тие коишто доаѓаат на посета. Сепак, за конкретната ситуација, многу конкретна проверка на сите аспекти ќе направи Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во делот на ова прашање,“ рече Филипче.

Министерот рече дека ќе ги сочека резултатите од истрагата, пред да донесе одлука за тоа дали ќе поднесе оставка на функцијата. Тој вели дека засега нема ниту разрешување на раководните лица во тетовската клиничка болница поради прекршувањето на протоколите.

На прашањето на Слободен печат: дали во ковид-болницата имало луѓе кои не се заведени како пациенти и ако е така, зошто се дозволува, спротивно на секоја епидемиолошка логика, во ковид-одделение да седат членови на семејствата на болните, заедно со пациентите, Филипче рече дека во однос на тоа кои се точно луѓето, ќе ги почекаат резултатите од ДНК-анализите.

„Синоќа во тетовската модуларна болница биле двајца лекари, четири медицински сестри и 26 пациенти. 12 пациенти се безбедно евакуирани, тие се во тетовската болница и се во стабилна состојба. На Институтот на судска медицина се предадени тела на 14 пациенти. Починатите се на возраст од 29 до 79 години“, рече министерот.

Филипче рече и дека се истражува како се управувало со тетовската модуларна болница, но додаде дека нема дилеми околу безбедноста на сите модуларни болници, во кои сите вградени материјали се со атести и со сертификати, со строги критериуми и со согласност на Светска банка. Тој ги повика граѓаните да не создаваат паника околу ковид-центрите и да не се прејудицира околу резултатите на истрагата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Африканска унија: Испратете вакцини во Африка, наместо да давате трета доза

Следно

Во текот на изминатото деноноќие регистрирани се 256 новозаразени, починаа 31 лица

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian