Трагедијата во Тетово го потресе регионот

4 mins read

Претседателот на државата Стево Пендаровски ги откажа сите најавени активности поради пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа најмалку 14 лица. Пендаровски изрази сочувство до семејствата.

„Сочувство до семејствата и роднините на починатите во страшната трагедија во ковид-центарот во Тетово. На повредените им посакувам успешно закрепнување“ – напиша Пендаровски на Фејсбук.

Премиерот Зоран Заев, кој уште вечерта пристигна на местото на настанот, но не даде изјава, на Фејсбук исто така изрази сочувство.

„Огромна трагедија се случи во тетовскиот ковид-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и до блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените. Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен. Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација“ – напиша премиерот Заев.

Сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и желби за брзо закрепнување на повредените изрази евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

„Нашите мисли се со тетовци утрово по трагичниот пожар во модуларната болница. Искрено сочувство до семејствата и до пријателите на загинатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените“, напиша Гир на Твитер.

Портпаролката на Европската Комисија Ана Писонеро изрази сочувство во писмена изјава испратена до МИА.

„ЕУ испраќа најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на овој трагичен пожар во модуларната болница во Тетово специјализирана во третманот на пациентите болни од ковид. Им посакуваме брзо закрепнување на повредените“, вели Писонеро.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ испрати сочувство до семејствата на жртвите од пожарот во Тетово, велејќи дека Србија ја споделува огромната болка со македонскиот народ и дека е подготвена да обезбеди братска помош за земјата, пренесува Блиц.

„Исклучително ме погоди веста за пожарот во болницата во Тетово. Ја делиме огромната болка со македонскиот народ, спремни сме да дадеме братска помош. Во мое и во името на сите Срби, испраќам сочувство до семејствата на настраданите и на сите Македонци“, напиша Вучиќ.

Министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев изрази сочувство за трагедијата во модуларната болница во Тетово.

„Тажен сум и скршен од трагедијата со пожарот во ковид-болницата во Тетово, која однесе човечки животи! Нашето најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и до блиските на загинатите. Бугарија е солидарна со Република Северна Македонија во ова тажно време“, напиша Стоев во пораката до својот македонски колега Бујар Османи.

Сочувство за несреќата преку Твитер изрази и Министерството за надворешни работи на Грција.

„Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Северна Македонија“, напиша грчкото МНР.

За трагичниот настан во тетовската болница детално известија многу регионални и светски медиуми.

Поради трагедијата многу институции и организации, како МОН, ФИТР и други, ги откажаа најавените настани за вчера, а беше откажано и судското рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Чартер летот со германските репрезентативци принудно слетал во Единбург

Следно

Трагедијата во Тетово го потресе регионот: Пораките со сочувство пристигнуваат од сите страни

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian