Трагедијата во Тетово го потресе регионот: Пораките со сочувство пристигнуваат од сите страни

5 mins read

Пожарот во тетовската модуларна болница, во која има загинати и повредени, длабоко ја потресе македонската јавност, но веста за трагедијата одекна многу подалеку од границите на нашата земја.

Пораки со сочувство до семејствата на загинатите и искрени пораки за брзо закрепнување на повредените пристигнуваат од сите страни.

Сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и желби за брзо закрепнување на повредените изрази евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

– Нашите мисли се со тетовци утрово по трагичниот пожар во модуларната болница. Искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените – напиша Гир на Твитер.

Портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро изрази сочувство во писмена изјава.

– ЕУ испраќа најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на овој трагичен пожар во модуларната болница во Тетово специјализирана во третманот на пациентите болни од ковид. Им посакуваме брзо закрепнување на повреденит – вели Писонеро.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ испрати сочувство до семејствата на жртвите од пожарот во Тетово, велејќи дека Србија ја споделува огромната болка со македонскиот народ и дека е подготвена да обезбеди братска помош за земјата.

– Исклучително ме погоди веста за пожарот во болницата во Тетово. Ја делиме огромната болка со македонскиот народ, спремни сме да дадеме братска помош. Во мое и во името на сите Срби, испраќам сочуство до семејствата на настраданите и на сите Македонци – напиша Вучиќ.

Министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев изрази сочувство за трагедијата во модуларната болница во Тетово.

– Тажен сум и скршен од трагедијата со пожарот во болницата во Тетово, која однесе човечки животи. Наше најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите. Бугарија е солидарна со Република Северна Македонија во ова тажно време – му напиша на Твитер шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во пораката испратена до својот македонски колега Бујар Османи.

Министерството за надворешни работи на Грција преку официјалниот „Твитер“ профил изрази сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот и владата на Северна Македонија.

Без исклучок, медиумите во регионот информираа за големата трагедија.

„Трагедија во Северна Македонија: најмалку десет мртви во пожар во Ковид болница“, е најчестиот наслов во грчките медиуми за пожарот во Тетово.

Телевизијата „Скај“ коментира дека пожарот во модуларната болница во Тетово избувна на денот кога земјата ја прославуваше 30-годишнина од независноста.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ посочува дека причините за експлозијата остануваат непознати, а петмина јавни обвинители вршат истрага за трагедијата.

За српската телевизија Б-92, настаните од Тетово се вест на денот. На интернет порталот на телевизијата постојано се објавуваат нови информации, а беше проследена и итната седница на македонската Влада.

„Трагедија во С. Македонија“ е насловена информацијата посветена на пожарот во Тетово, објавена од црногорскиот весник „Вијести“, а со сличен одбир на зборови се насловени и објавените прилози во хрватските медиуми, како и оние од Босна и Херцеговина.

„Пожар во ковид-19 болница во Северна Македонија уби најмалку десетмина“, прексиноќа објави агенцијата Ројтерс, преку репортерот од Приштина.

Агенцијата ја пренесува изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче, и ја опишува состојбата во Македонија со пандемијата, истакнувајќи дека Тетово бил е еден од градовите со најмногу случаи на ковид-19.

Би-би-си, извештајот за трагедијата го илустрира со фотографии и снимки преземени од социјалните мрежи, а пренесува и изјава на заменикот-шеф на тетовската противпожарна екипа Сашо Трајчевски, дека „пожарот брзо се проширил низ објектот откако експлодирале цилиндри со кислород“. Би-би-си притоа потсетува дека поради експлозија на кислород во болница во Газиантеп, Турција, во декември минатата година загинале најмалку десет пациенти, а при сличен инцидент во Пеатра Ниамт во Романија во ноември минатата година избувнал пожар во кој загинале десет луѓе. Британскиот сервис ја пренесува и изјавата на специјалистката за заразни болести, Жаклина Шопова, која забележала дека привремените болнички објекти биле поставени без целосно да се почитуваат стандардите за безбедност.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Трагедијата во Тетово го потресе регионот

Следно

ВИДЕО | Советот на Општина Тетово прогласи тридневна жалост

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian