Откако изутринава се појавија информации во медиумите и на социјалните мрежи дека пропусти при градбата може да се причина за пожарот во модуларната болница во Тетово, Министерството за здравство ја информира јавноста дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди.
– Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени после технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Министерството за здравство информира дека ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита.
При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска. Ковид-центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи.
Апелираме да не се шпекулира со ваквите информации. Министерството за здравство очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа. Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид центри беа и се уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот, стои во соопштението на Министерството за здравство.
ФОТО+ВИДЕО: Тетово сѐ уште мириса на чад, на местото на трагедијата засилено полициско обезбедување