МРТВ во „мрак“ додека гореше болницата во Тетово

2 mins read

Македонската радиотелевизија не ги информираше навремено своите гледачи за случувањата во Тетово, иако пожарот во тетовската болница беше медиумски настан број еден во вечерните часови. Додека голем број домашни, а потоа и регионални и светски медиуми известуваа за трагедијата во тетовската модуларна болница, јавниот сервис во текот на вечерта не излезе ниту со вонредни вести ниту со телоп за трагичниот настан.

„Независно дали синоќешното неинтервенирање е поради лоша организација или уредничка грешка, МРТВ мора да има кадар и ресурси навремено да бидат покриени настаните и јавноста навремено да биде информирана“, се вели во изјавата што „Слободен печат“ ја доби од Самостојниот синдикат на медиумските работници (ССНМ).

Од ССНМ нагласуваат дека ваквите ситуации најдобро укажуваат на тоа дека се потребни итни реформи во МРТВ и консолидирање на нејзините капацитети, бидејќи сега јавниот информативен сервис сега драстично заостанува зад другите јавни сервиси во регионот.

„Мандатот на сегашниот директор на МРТВ е истечен и можеби оттаму доаѓа незаинтересираноста и индолентноста, но „за’рѓаноста“ на МРТВ е предизвик за секое идно раководство да го екипира јавниот сервис и правилно да ги насочува ресурсите кои му се на располагање, со оглед дека добива значителни средства од буџетот“, пишува во изјавата на ССНМ.

Оттаму потсетуваат и дека и во минатото се случувало МРТ да пропушта настани од суштинско значење и важност за граѓаните што е недопустливо, бидејќи се знаат обврските на еден јавен информативен сервис.

Со сличен став е и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски.

„Сите национални телевизии имаат сериозна обврска да ги покриваат настаните и информациите кои се од важност за јавноста, а особено тоа е обврска на јавниот сервис. МРТВ како информативна куќа треба да биде лидер во промоцијата на информативните содржини што треба да допрат до најголем број гледачи, а не да каска зад другите медиуми“, вели Чадиковски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Сочувство од Пахор и Вучиќ по трагедијата во Тетово

Следно

Адеми се враќа на терените, еден од клучните играчи на репрезентацијата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian