Како актерот Жан-Пол Белмондо помогна во основањето и растот на ПСЖ

3 mins read

Додека Франција и светот тагуваат по смртта на славниот актер Жан-Пол Белмондо (88), излегуваат малку познати детали за бурниот и интересниот живот еден од главните херои на француската филмска индустрија.

Белмондо ќе остане запомнет како ѕвезда на француските високобуџетни акциски филмови заедно со уште еден голем актер, Ален Делон. Белмондо стана светска ѕвезда  по улогата во ремек делото на Годард „До последниот здив“ каде го глумеше ситниот криминалец Мишел Пикард, а освен филмот, тој беше и голем вљубеник и во спортот, посебно на фудбалот и неговиот ПСЖ.

Малкумина знаат дека Белмондо не беше само голем навивач на ПСЖ, туку тој е еден од основачите на тимот од Париз кој е формиран пред нешто повеќе од 50 години.
Во едно интервју за „Ле Паризиен“, Белмондо откри дека тој помогнал во развојот и формирањето на денеска најбогатиот фудбалски клуб на светот.

Освен со финансиска инјекција, Белмондо на ПСЖ му помогна и со својата харизма и светска слава. Тој беше од непроценлива вредност за ПСЖ во поглед на развојот на имиџот и популаризацијата на „светците“. Често беше присутен на трибините на „Паркот на принцевите“, и според неговите пријатели, тој до последниот здив беше верен навивач и заштитен знак на ПСЖ.

ПСЖ е формиран во август 1970 година и тоа со спијувањето на клубови од предградието на Париз, Стад Сен-Жермен и Парис ФК.

Први инвеститори на новиот клуб ПСЖ беа токму Жан-Пол Белмондо, издавачот и публицист Франсис Борели и познатиот моден дизајнер Даниел Хектер кој беше претседател на клубот од 1974 до 1978 година и го дизајнира дресот на клубот кој и денеска го носат фудбалерите.
Токму Хектер го повика Белмондо да се приклучи на проектот.
ПСЖ во првите години играше во бели дресови, а потоа Хектер инспириран од дресовите на Ајакс, ја копираше црвената линија и ја стави на син, а не на бел дрес.

Жан-Пол Белмондо не седеше само во ложите на „Паркот на принцевите“, туку често знаеше да се симне во соблекувалната и да ги поздрави фудбалерите. Токму во соблекувалната на ПСЖ е овековечена една од најпознатите фотографии на Белмондо заедно со Роналдињо кој воодушевен од францускиот актер го соблече дресот и му го подари.

– Понекогаш се зборува дека ПСЖ изгледа како да е роден од инспирацијата на некој познат сценарист, но никој не можеше да ја замисли неверојатната судбина на овој клуб. На некој начин се согласувам – фудбалот и филмот се „направени“ од исто дрво. Но силата на ПСЖ секогаш ќе биде во тоа да прикажува филм кој е прексрасен и бесконечен. Вечен филм – зборуваше Жан-Пол Белмондо на 50-годишнината од формирањето на ПСЖ.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

18-годишна девојка од Гевгелија почина од Ковид-19, неофицијално била бремена

Следно

Авганистан доби хуманитарна помош од пет земји

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian