Изрази со длабоко сочувство до фамилиите кои ги изгубија своите најсакани во пожарот што настана синоќа во модуларната болница во Тетово преку Фејсбук изразија претседателот Стево Пендаровски и повеќе министри.
– Сочувство до семејствата и роднините на починатите во страшната трагедија во Ковид-центарот во Тетово. На повредените им посакувам успешно закрепнување, напиша Пендаровски на Фејсбук.
Министерот за правда Бојан Маричиќ напиша на Фејсбук дека тешко се наоѓаат зборови за утеха.
– Сакам да изразам длабоко сочувство до фамилиите кои ги изгубија своите најсакани во оваа страшна трагедија. Институциите се мобилизирани, причините за трагедијата ќе бидат откриени, напиша Маричиќ.
И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изрази најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите во пожарот во тетовскиот Ковид Центар, посакувајќи брзо закрепнување на повредените.
– Посветени сме на брзо разрешување на оваа ситуација, напиша Спасовски на Фејсбук.
– Нема зборови за утеха за трагедијата која го погоди Тетово. Сочувство до семејствата и блиските на починатите. Брзо и лесно закрепнување на повредените, напиша на Фејсбук министерката за образование и наука Мила Царовска.
И министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска изрази длабоко сочувство до семејствата, роднините и блиските на починатите, а на повредените им посака што побрзо да закрепнат.
– Голема трагедија синоќа надвисна над Тетово. Во експлозија која предизвика пожар во КОВИД центарот згаснаа многу животи. Пожарникарите брзо се справија со огнот и го изгаснаа, но борбата на лекарите за спасување на животите на болните и повредените продолжува и понатаму, напиша на Фејсбук министерката Шахпаска.
Извор: МИА