Италијанската полиција изврши рација во домови на противници на вакцинација, осомничени за планирање насилство низ целата држава.
Полицијата и специјалните истражители собрале докази во домовите на осомничените, вклучувајќи ги и нивните компјутери и оружје, како што се катани, сабји и солзавец, соопштија денеска италијанските власти.
Антиваксерите и ковид-скептиците во Италија создадоа неколку групи на апликацијата Телеграм.
Таму тие презентирале планови за набавка на оружје, а некои од нив се јавиле и во продавници за оружје и се распрашувале, пренесува италијанска „Република”.
Претреси биле извршени во Рим, Милано, Бергамо, Венеција и Падова.
Противниците на рестриктивните мерки воведени поради коронавирусот во Италија, излегоа на улиците неколку пати во последниве недели.
Организаторите на групата „Но вакс” (No Vax) неодамна ги повикаа поддржувачите да го блокираат пристапот до железничките станици низ целата земја, за да се спротивстават на новите правила за патниците во возовите. Сепак, многу малку демонстранти се појавија.
За патување со воз во Италија потребен е доказ за вакцинација, за прележан Ковид-19 или негативен тест.