Страотниот пожар кој синоќа ја зафати модуларната ковид болница во Тетово и кој одзеде 14 животи е само уште еден во низата трагични инциденти кои во текот на корона пандемијата се случија на повеќе места во светот и одзедоа животи на пациенти.
Болниците се последната надеж за тешко болните пациенти од ковид кои имаат потреба од интензивно медицинско лекување, и ваквите трагедии главно се врзуваат со неисправност на апарати или инсталации во самата болница.
Освен пожари во модуларните болници, забележани се пожари и во клинички центри каде се сместени ковид пациенти.
Во пожар во болница во Санкт Петербург во мај минатата година настрадаа пет пациенти заболени од ковид кои биле на интензивна нега. Пожарот избил поради краток спој на респиратор и настрадале овие пет пациенти кои биле приклучени на апарати. Од болницата се евакуирани 150 лица, а пожарот е брзо изгаснат.
-Респираторите работат до своите граници. Прелиминарната истрага покажува дека еден бил преоптоварен и се запалил, што е причина за пожарот, јавија новинските агенции додавајќи дека краткиот спој предизвикал „респираторот буквално да експлодира“ поради концентрацијата на кислород, по што ковид одделението на шестиот кат од болницата буквално се исполнило со чад кој ги задушил пациентите.

На почетокот на пандемијата минатата година Русија се соочуваше со недостиг на респиратори, како и со премногу стари апарати, кои се произведени уште во 90-тите години. Истрагата одела во правец на утврдување дали има елементи на невнимание во болницата, или пак грешки во дизајнот и производството на респиратори и евентуалчно во мерките на претпазливост преземени од болницата.
Пред 3 месеци, односно во јуни годинава пожар изби во ковид болницата во рускиот град Рјазан, при што три лица загинаа, а причина – неисправен вентилатор. Жртвите се пациенти болни од ковид, а респираторот на одделението се прегреал и се запалил. Истрагата на неколкуте пожари во руските ковид болници покажала дека причина се неисправните респиратори кои се користат за лекување на тешко болните пациенти од ковид.
Минатиот месец повторно во Русија, овој пат во болница во Владикавказ на југот од земјата поради хаварија на цевките со кислород, загинаа 9 лица.

Слични трагедии се случија и во болница во Букурешт кон крајот на јануари годинава кога загинаа 4 лица, но и во Индија каде поради преоптовареноста на болничките капацитети и недостиг на кислород и начинот на снабдување со него, се доведуваат во опасност животите и на пациентите и на медицинскиот персонал.

Пожар е забележан и во ковид болница во Бразил, при крајот на мај година кога загинаа 4 лица. Еден од поголемите пожари со најмногу жртви се случи на 24 април годинава во Ирак при што загинаа 82 лица, а 110 се повредени во пожарот на одделението за интензивна нега на ковид болни во болницата во Багдад, а како причина се наведува експлозија на доводот за кислород.

Пожарот во тетовската болница
Од синоќа на терен во Тетово кај изгорената модуларна болница се петмина јавни обвинители кои ги истражуваат причините за настанувањето на пожарот, кои треба да бидат соопштени кога ќе биде комплетирана истрагата.

Министерството за здравство денеска соопшти дека сите 19 модуларни ковид болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, како што се посочува, се отворени после технички прием.
– Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид – центри беа и се уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која Министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот, соопштија од МЗ.
Поради недостиг на медицински кадар при преоптоварени болнички капацитети, во модуларната болница било дозволено присуство на лице од семејството за помош на болните од ковид, што е надвор од сите протоколи за болничко лекување на пациенти, но од друга страна, со нивна помош се извлечени живи неколку пациенти кога избил пожарот, синоќа во 21.02 часот.
Материјалот за изградба на модуларната болница е главно пластика, и уште синоќа пожарникарите од Тетово кои интервенираа за гаснење на пожарот, напоменаа дека тоа било причината за брзо разгорување на огнот и зафаќањето на целиот објект, во кој, во критичниот момент имало 26 лица. Загинаа 14, а 12 се извлечени живи.

-При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска, информираа од Министерството за здравство.