Заев: Коалицијата „Најдоброто за мојата општина” фаворит на локалните избори

3 mins read

Со коалицијата „Најдоброто за мојата општина” СДСМ и уште 20 политички партии заеднички ќе настапат на претстојните локални избори.

Договорот за коалицијата беше потпишан попладнево на средба во штабот на СДСМ. Дефинирани се соработки на повеќе нивоа, заеднички советнички листи и 69 градоначалници.

Како што рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, коалицијата на изборите ќе има широка кадровска понуда и принципиелна соработка во првиот и вториот изборен круг. Вака поставена, нагласи, коалицијата е гарант дека ќе продолжи напредокот на државата, развојот на регионите и општините.

– Ова е коалицијата „Најдоброто за мојата општина”, фаворит, победник на изборите. Имаме знаење, волја и мотивација, план и програма за решавање на проблемите на граѓаните. Принципите зад кои заеднички застануваме се препознатливиот печат – работа во интерес на сите, на граѓаните, општините и државата за напредок и развој на секој наш град, секое село и населено место, истакна Заев по потпишувањето на Договорот.

Со нас, дополни, граѓаните се на чисто. Нашата понуда не е „мачка во вреќа”, туку реалност која зборува за најдоброто сама по себе.

Според Заев, вредносниот граѓански концепт на „едно општество за сите”, значи продолжување на успешната коалициска соработка со партнерите ДУИ, БЕСА и ДПА на локалните избори, преку изградени критериуми за заемна поддршка на кандидатите со најдобра програма и најголема доверба кај граѓаните.

-СДСМ е прогресивна и модерна партија која своите партнерства ги гради на идеолошки заложби и програмски концепти, а не со меници и притисоци својствени за едно друго режимско време. Ме радува што нашите партнери ги делат истите вредности. Искрено вложуваме во нашата цврста определба дека сите граѓани се еднакви, без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Цврсто веруваме дека владеењето на правото, почитувањето на човековите слободи и права, економскиот прогрес, меѓуетничкиот соживот и толеранција, се столбовите на кои почива модерната македонска држава, напомена Заев.

Тој оцени и дека четири години работите се менуваат на подобро, и на централно и на локално ниво.

-Наследивме општини заглавени во долгови, без визија за развој, но веднаш почнавме да работиме на нивна трансформација. Директно од Буџетот насочивме 50 милиони евра, им помогнавме да се раздолжат, обезбедивме и дополнителни 500 милиони евра за нови проекти на локално ниво, нагласи Заев.

Осврнувајќи се на реализираното, Заев потенцира дека никогаш досега не се инвестирале толку многу средства во општините, рамномерно, а спроведени се, рече, над 7.000 проекти.

-Наместо во барок, споменици и палми, вложуваме во училишта, градинки, патишта, здравствени установи и социјални згради. Се што зналчи унапредување на квалитетот на живот на граѓаните, истакна Заев, додавајќи дека и на централно ниво е направен голем исчекор, и во меѓународните односи и во економските текови.

Лидерот на СДСМ подвлече и дека денешното потпишување на Договорот има симболика.

-На државотворни партии им приличи да склучат Договор токму на Денот на независноста, денот на кој одбележуваме 30 години сувереност и државност, подвлече Заев.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Македонските граѓани се вацинираат – досега вкупно 750.893, вчера 13.232 примија вакцина

Следно

ВО ЖИВО: Дефиле пред Собранието на Република Северна Македонија по повод Денот на независноста

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian