Вакцинирани близу половина од полнолетните граѓани

3 mins read

Заклучно со 4 септември со една доза на вакцина против ковид-19 вакцинирани се 44,6 проценти од населението над 18 годишна возраст. Вкупно 54 отсто од граѓаните над 40 години имаат примено барем една доза на вакцина, како и 29 проценти од граѓаните на возраст помеѓу 18 и 39 години.

Согласно податоците на Министерството за здравство, најголем опфат со една доза на вакцина има во Неготино 63,4 проценти, Кавадарци 62,3 отсто и Охрид 61,4 проценти.

Во тек е вакцинацијата во сите вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните можат да се вакцинираат без закажан термин. Процесот на вакцинација со домашна посета, пак, се одвива со претходно искажана заинтересираност до најблискиот пункт на местото на живеење.

Министерството за здравство информира дека вакцини има во доволен број и апелира на заинтересираност и вклучување во процесот на вакцинација, особено помладата популација. Нагласуваат дека вирусот не ги исклучува младите, а на тоа укажуваат бројките од последните анализи.

Акцентот во моментов се става на важноста да се вакцинираат и помладите граѓаните. Надлежните посочуваат дека оваа категорија е помалку заштитена, и токму тие можат да го шират вирусот во своите семејства. Затоа, до крајот на неделава ќе се отвори пункт на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде со кадарот од Универзитетската амбуланта ќе се врши вакцинација и на помладите.

На вакциналните пунктови, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 747 225 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 3621 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14 159 граѓани. Досега во државата се аплицирани 1 332 658 дози вакцини, а ревакцинирани се 579 358 граѓани.

Од Министерството за здравство постојано повикуваат на масовна имунизација на населението. Вакцините, велат, се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од истата.

Апел за имунизација вчера упати и претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој смета дека вакцинацијата е клучниот фактор за излез од кризата и оти не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините.

Во претходното деноноќие, од направени 6425 тестирањe регистрирани се 682 нови случаи на ковид–19. Регистрирани сe 1031 оздравени пациенти, а починати се 32 пациенти.

Досега во земјата се направени 1 197 339 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 180 919, на оздравени пациенти е 160 396, на починати 6129, а бројот на активни случаи изнесува 14 394.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Системот рестартиран, пописот продолжува

Следно

Крај за најголемата сензација на „УС Опен“: Повредата посилна од Алкараз

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian