Туше Гошев по повод 30 години независност: Задачата што си ја зададовме не е завршена до крај

3 mins read

За првпат после долга историја, нашиот народ кој живее на територијата на која е основана македонската држава, вистински се почувствува слободен за да може да конституира сопствена држава и тоа го направи по традициите на либералната демократија. Во колективното паметење на народот е вековната борба и желба за независна држава, а во септември 1991 година преку Собранието ги донесе конститутивните акти на таквата држава: се спроведе референдум, по што се усвои и Декларацијата за независност, се усвои Уставот и Уставниот закон, каде во чл. 7 се донесоа сите закони за воспоставување на државноста.

Сепак, триесет години потоа, се покажува дека народот сѐ уште не е способен да ги спроведува законите донесени согласно Уставот. Поминувавме низ едно ефемерно „заболување“ на правење држава и создавање независни и самостојни институции. Неизживеаниот инстинкт за создавање национална држава нѐ тера сепак да се определуваме емотивно кон националниот концепт кој, и по усвојувањето на Охридскиот договор, во биномна насока, од една страна овозможи спроведување на Уставот, а од друга, враќање на националниот концет и стекнување права по национална основа и припадност. Треба уште многу време за да го усовршиме системот за кој се определивме, треба уште труд, знаење и вештина за организирање на државната власт и поголема љубов кон државата со што ќе ги постигнеме целите што сакавме да ги спроведеме пред триесет години.

Имавме подеми и падови, неспорен успех е што станавме меѓународен субјект и докажавме дека сме слободен народ, но неуспех е што за 30 години 30 пати менувавме одредби од Уставот. Политичките партии, покрај тоа што му овозможија на народот да се конституира како субјект и да одлучува за себе, станаа место каде најмногу се кочеше реализацијата на уставните определби и напредокот на земјата и сѐ повеќе се тежнееше кон власт и моќта, а одредени политичари во партиите својата волја се трудеа да ја претворат во правен систем. Тоа покажува дека не сме сосема државнички зрели, задачата што си ја зададовме пред 30 години не е завршена до крај, но се надевам дека во годините што доаѓаат ќе има едуцирани кадри способни да живеат во новиот систем и да овозможат просперитет согласно Уставот, но и разбирање на генералната политика што ја водат големите сили.

Насер Зибери по повод 30 години независност: Имаме подеми и падови, но и отворени перспективи

www.slobodenpecat.mk

Претходно

„Рисовите“ против традицијата: Македонија нема триумф на Денот на независноста

Следно

Варвициотис: Ставот на Грција за Косово останува непроменет

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian