Подготовките за локалните избори влегуваат во финале

4 mins read

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР го започна процесот на набљудување на локалните избори закажани за 17 октомври, остануваат уште два дена за увид во Избирачкиот список и четири дена за поднесување кандидатури за градоначалници и советнички листи за изборите. Обуките за употреба на терминалите за вчитување на отпечатоци од прсти се отпочнати.

Првпат на овие избори во земјата ќе се применат терминали и систем за вчитување на отпечатоци од прсти. На прашање на МИА за тоа дали Мисијата има искуство во набљудување на вакви избори, тие посочија дека мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има аналитичар за регистрација на гласачите и дека нивни претставници во ДИК веќе прегледале неколку од овие машини, но и дека ќе испитаат како тие се импементирани во други држави членки на ОБСЕ.

– Мисијата има аналитичар за регистрација на гласачите. Мисијата веќе се сретна со Државата изборна комисија и прегледа неколку од машините. Има и други ОБСЕ држави што користат слични машини и нашата мисија ќе испита како тие се имплементирани на овие избори во овој специфичен контекст, се наведува во одговорот од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за МИА.

Шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР е повторно Тана де Зулуета која информираше дека Мисијата се состои од основен тим од 13 стручни лица со седиште во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во земјата од 15 септември. ОДИХР планира и да побара од земјите-учеснички на ОБСЕ да пратат 250 краткорочни набљудувачи, кои би пристигнале неколку дена пред денот на изборите.

Со мисијата ќе се процени дали изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и националното законодавство. Набљудувачите одблизу ќе ги испитаат клучните елементи на изборите, како што е регистрацијата на гласачите, регистрацијата на кандидатите, активностите во кампањата и нивното финансирање, работата на изборната администрација и релевантните владини органи, законодавството поврзано со изборите и неговото спроведување, како и решавање на споровите поврзани со изборите. Со мисијата ќе се следи и начинот на кој медиумите ја покриваат кампањата.

Шефот на мисијата де Зулуета истакна дека имајќи го предвид големиот проблем со кој се соочува земјата, а тоа пандемијата со ковид-19, тие ќе се придржуваат до сите мерки за превенирање на ширење на болеста што се спроведуваат во земјата.

– Ова ќе биде многу важна компонента на мониторирањето и во поглед на краткорочното и во поглед на долгорочното набљудување, рече таа.

Во текот на набљудувањето ќе биде објавен периодичен извештај за да се ажурираат јавноста и медиумите. ОДИХР ќе ги претстави прелиминарните наоди и заклучоци на прес конференција денот по изборите, а ќе го објави конечниот извештај за набљудувањето, заедно со потенцијалните препораки, приближно два месеци по крајот на изборниот процес.

Вкупно 12 865 лица до вчера се провериле во Избирачкиот список, поднесени се вкупно 62 барања за запишување во Избирачкиот список, 28 барање за бришење на податоците од Избирачкиот список и 25 барања за измена на податоците во Избирачкиот список, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Исто така, до Државната изборна комисија, на е-маил адресата upisis@sec.mk се поднесени вкупно 60 барања.

Постапката за јавен увид во Избирачкиот список и истата ќе трае до четврток 9 септември.

Два дена подоцна, на 11 септември на полноќ завршува рокот за поднесување на кандидатури за локланите избори до Општинските изборни комисии.

Партиите речиси и да ги објавија сите кандидати за градоначалници, како и дел од носителите на листите за советници.

Официјално кампањата за локалните избори започнува на 27 септември, но многу од кандидатите за градоначалници веќе се среќаваат со своите поддржували и граѓаните.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

По состанокот со ЦИК, Радев ќе одлучи дали во Бугарија се можни претседателски и парламентарни избори во еден ден

Следно

Почнува судењето за терористичките напади во Франција од 13 ноември 2015 година

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian