Бугарија ќе ѝ донира 51 480 дози од вакцината „Фајзер“ на Македонија

3 mins read

Народното собрание на Бугарија со 146 гласови „за“ го ратификуваше договорот за донирање 51 480 дози на вакцина „Фајзер“ на Република Северна Македонија.

Дозите на вакцини што ќе се донираат се со серии броеви FA7083, FC8736 и FA4632 и со рок на траење до 30 септември 2021 година. Донацијата е вредна 1 560 635 лева.

Во текот на дискусиите за ратификациите, министерот за здравство Стојчо Кацаров посочи дека доколку Народното собрание денеска не донесе одлука и доколку ја одложи ратификацијата, вакцините нема да бидат достапни за Република Северна Македонија. Тој објасни дека компанијата „Фајзер“ не дозволила ниту една земја да обезбедува, продава или донира вакцини без ратификација од Народното собрание и апелираше до пратеникот Христо Гаџев од ГЕРБ-УДФ да не дава предлози за промени барем за оваа ратификација, за да не се запре донацијата.

Министерот Кацаров им објасни на новинарите дека ова е прва донација на вакцини за Република Северна Македонија. Според Кацаров, требало да се изврши во јуни, но поради процедурите кои се вон наша контрола, тоа не успеало и последователно, самата Република Северна Македонија се откажала.

– Сега сум многу благодарен на Народното собрание што ги прекина игрите, рече Кацаров.

Останатите договори за донации на вакцини против ковид-19 поради барање за предлози за измени и дополнувања на предлог-законите меѓу првото и второто читање, ќе бидат повторно разгледани за да бидат ратификувани. Рокот за поднесување предлози е три дена.

Во причините за предложените предлог-закони за ратификација се наведува извештајот на главниот државен здравствен инспектор, кој го известил Народното собрание дека од 11 јуни 2021 година во магацинот на „Бул Био – НЦЗПБ” ЕООД се наоѓаат 300 000 дози на вакцината Vaxzevria и 100 000 дози од вакцината Comirnaty кои поради ниската стапка на вакцинација во земјата се изложени на ризик од отфрлање поради истекот на рокот.

Пратениците на првото читање ги усвоија предлог-законите за донации за Босна и Херцеговина и препродажба на вакцини на Кралството Норвешка. По ратификацијата се очекува Босна и Херцеговина да добие донација од 50 000 дози од вакцина „Астра-Зенека“ во вредност од 175 000 лева, и да се препродадат 100 000 дози од вакцина „Модерна“ во вредност од 3 780 620 лева на Кралството Норвешка.

Дозите на вакцината „Астра-Зенека“ се со рок до 30 септември. На „Модерна“ истекуваат во ноември – декември 2021 година.

Даниела Дариткова од ГЕРБ-УДФ објасни дека фактот што се одложуваат процедурите за ратификација не ги запира постапките за донација или нивната препродажба од страна на Советот на министри.

Таа го иницира прашањето за кампањата за вакцинација во нашата земја и нејзиното активирање. Сите сме одговорни затоа што дозволивме политички шпекулации со толку тешка тема како што е вакцинацијата, рече Дариткова.

Нејзиниот колега Христо Гаџев рече дека трите ратификации биле разгледани само на состанокот на Комитетот за здравство и истакна дека таа ќе даде предлози помеѓу двете читања на предлог-законите за ратификација.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шест прволигаши ќе играат турнир во чест на Анте Дуковски

Следно

ЗАПОЧНУВА ЧЕТВРТОТО ИЗДАНИЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ФЕСТИВАЛ НА СВЕТЛИНА SKOPJE LIGHT ART DISTRICT 08.09.2021

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian