Власта се оградува од дипломатскиот скандал

7 mins read

Високи владини функционери вчера се оградија од одговорност во врска со скандалот што го тресе Министерството за надворешни работи (МНР), а министерот Бујар Османи најави ветинг на дипломатскиот кадар откако во Србија беше притворен македонскиот дипломат Миле Миленкоски. Заменик-шеф на македонската мисија во ОБСЕ во Виена е уапсен откако Интерпол распишал потерница по него, затоа што во 2018 година му помогнал на Левон Саркисјан, братот на ерменскиот претседател Серж Саркисјан, да пребега од Ереван во Виена.

Mакедонските власти ќе постапат согласно сите меѓународни договори што сме ги прифатиле, потврдиле и поддржале, но ќе се побараат и сите правни акти за заштита на нашите граѓани, рече премиерот Зоран Заев, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се огради од одговорност.

Османи: Проверка за да се врати довербата во институциите

МНР формираше работна група за првична итна ревизија на безбедносните сертификати и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена закана за сигурноста и доверливоста, поврзана со „случајот Миленковски“.

– Не само како обврска кон нашите државни интереси, туку како земја-членка на НАТО, како идни претседавачи со ОБСЕ во 2023 година, ние имаме обврска да воспоставиме непропустлив систем на сертификација и проверка на дипломатскиот кадар со цел да ја вратиме довербата и во институцијата и во државата – рече Османи.

Премиерот Зоран Заев рече дека дипломатот дел од кариерата поминал во земјава, а дел надвор и не сакаше да навлегува во причините зошто е побарана меѓународна потерница и зошто се бара негова екстрадиција.

– Додека не ги побара некоја земја како и за секој друг граѓанин, и за дипломатите важат истите права. Ние не можеме за наш граѓанин да преземеме какви било дејствија ако тоа некој не го побара – рече Заев.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во 2019 година имал информации што ги добива МВР за  можна вклученост на наши дипломати во одредена постапка, меѓутоа во тој момент, како што рече, немало потерница за дипломатот.

– Mеѓународната потерница е распишана од страна на Ерменија на 25 февруари 2020 година. Во тој момент јас сум претседател на Владата, а министер за внатрешни работи беше господинот Наќе Чулев, и тоа во тој момент е направено. Дали е известено МНР или не, јас немам детални информации за тоа – рече вчера Спасовски.

На прашањето зошто не е отворена истрага во 2019 година, Спасовски рече дека не може да биде отворена во Македонија, бидејќи таа истрага се води во државата каде што е сторено кривичното дело.

– Потерниците се распишуваат за лица, а истрагите ги води државата што ги води. Оваа истрага се води во Ерменија – појасни Спасовски.

Во врска со скандалот, на Фејсбук се јави и поранешниот министер за надворешни работи и актуелен вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров.

„Миленковски бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 година, кога со МНР раководи друг министер. Во 2019 година МНР ги добила првите индиции дека ќе има истрага за постапки на вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но немало информација за потерница и немало пресуда,“ напиша Димитров.

Toj немал информации како и зошто токму сега е упатен на служба тој дипломат.

„Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 година, долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност“, вели Димитров.

Поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски тврди дека за време на бегството, на Саркисјан му бил обезбеден и македонски дипломатски пасош со украден идентитет. Милошоски обвини дека тогашниот државен секретар Виктор Димовски бил во тек со случувањата, а подоцна за аферата биле запознаени и министрите Димитров, Спасовски и Бујар Османи, како и премиерот Заев.

„Делови за аферата на Миленкоски, подоцна дознале уште неколку раководни лица во самото МНР, меѓу кои и Љуфтим Спахиу, Јакуп Реџепи, Зоран Попов и други дипломати кои на дневна основа имаат контакт со министерот. За скандалот, преку МНР и преку Интерпол, известени биле и Спасовски и Заев, а МВР дури спровело и истрага за оваа афера во МНР,“ напиша Милошоски на Фејсбук.

Со своја реакција се јави и Советот на амбасадори.

„Здружение на граѓани, кое во својот состав вклучува поранешни угледни дипломати од највисок ранг, Советот на амбасадори, укажува дека оваа нерешена загатка кај македонската инертна и нереформирана дипломатска служба не оди во прилог на меѓународниот углед на нашата држава, дури, дополнително го оптоварува и нашиот интегративен процес во ЕУ“, соопшти Советот.

Ерменците очекуваат Миленкоски да им биде испорачан од Србија

Советникот во Канцеларијата на ерменскиот јавен Обвинтиел изјави за ерменските медиуми дека македонскиот дипломат Миле Миленкоски ќе биде екстрадиран во Ерменија откако ќе биде подготвена документацијата што ќе биде доставена до властите во земјава.

Ерменските власти сѐ уште трагаат по избеганиот брат на поранешниот ерменски претседател Серж Саргасјан, Левон Саргасјан. Во март 2019 година, тој не им бил достапен на истражните органи кои не можат да му влезат во трага откако претходната година македонски дипломати од Мисијата на ОБСЕ во Виена, предводени од заменик шефот Миле Миленкоски, успеале со приватен лет од Ереван да го донесат во Виена, по што Левон Саргасјан веќе трета година е во бегство.

Во родната земја, Левон е обвинет за корупција и „нелегално богатење“, откако даночните инспектори во јуни 2018 открија дека тој и неговите две деца држат речиси седум милиони американски долари непријавени депозити во Ерменската банка. Левон од декември 2018 година е во бегство и живее некаде во странство. Во 2019 година ерменската Национална агенција за безбедност имала непотврдени информации дека се крие во Либан.

Чулев: По не знам кој пат Спасовски причината за своите катастрофални грешки ја бара во мене

www.slobodenpecat.mk

Претходно

БСП го враќа мандатот на претседателот на Бугарија

Следно

Од денеска во Бугарија почнува електронски попис

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian