Најмалку двајца загинати и стотици луѓе кои останаа без своите домови е билансот од големите поплави кои ја погодија областа Екатепек во периферијата на Мексико во изминатиот ден.
Поројните дождови однеле 39-годишна жена во регионот, а 73-годишен маж загинал кога се срушил покривот од зградата во која се засолнил, соопштија властите, додавајќи дека билансот на загинати може да е и поголем. Целосно е поплавена болницата во градот Екатепек.
Локалните власти соопштија дека дождот бил најсилен во повисоките делови на планината Сиера де Гвадалупе, а жителите немале време да се засолнат од поројот. Десетици луѓе биле заглавени со часови во гондоли од жичницата на компанијата Мексикабле, која запрела со работа поради поплавата.