Дипломатската служба на ЕУ денеска реагираше за притворањето на пет кримски лидери од страна на Русија како и уште педесетина активисти.
Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, преку писмена реакција се огласи попладнево за акцијата спроведена во Крим од страна на руските власти на 3 и 4 септември која резултираше со притвор за над 50 лица на Крим.
Тој нагласи дека овие притвори се сметаат за нелегални според меѓународното право и дека ЕУ ги оценува како политички мотивирани.
ЕУ не ја признава анексијата на Крим од страна на Русија и бара сите нелегално затворени Украинци да бидат ослободени без одлагање.
-Кримските Татари и натаму се мета во Крим. Европската Унија ја повикува Руската Федерација да ги исполни своите обврски согласно меѓународното право и да стави крај на нарушувањето на човековите права на жителите на Крим, изјави Борел.
Европската Унија ја повтори денеска својата “недвосмислена поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на меѓународно признаените граници” и истакна уште еднаш дека нема да го признае Крим како дел од Русија.