Блинкен се заблагодари на Катар за евакуациите од Авганистан

2 mins read

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен денеска се заблагодари на Катар за неговата улога во евакуацијата на илјадници Американци и Авганистанци од Авганистан откако талибанција ја презедоа власта во таа земја, јави Анадолија.

На прес-конференција во Доха, Блинкен изрази благодарност за улогата на Катар во спасувањето илјадници животи во Авганистан, додавајќи дека евакуациите немале да бидат успешни без поддршката на Катар.

Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин пристигнаа вчера во Доха, каде што се сретнаа со највисоките претставници на Катар, вклучувајќи го и емирот шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, за да разговараат за ситуацијата во Авганистан, потсетува Анадолија.

„Ја изразив нашата благодарност за извонредната поддршка на Катар за безбеден транзит на стотици американски државјани и десетици илјади Авганистанци и други евакуирани лица од Авганистан”, напиша Блинкен на Твитер. Главниот американски дипломат, исто така, рече дека Вашингтон успеал да евакуира 6.000 Американци од аеродромот во Кабул, истакнувајќи дека 100 Американци сè уште не одлучиле да го напуштат Авганистан.

Блинкен потенцира дека талибанците им рекле на САД дека „ќе им дозволат на луѓето со патни исправи слободно да заминат” од Авганистан.

Тој, исто така, нагласи дека САД тесно соработуваат со Катар и Турција за прашањето за продолжување на цивилните летови до аеродромот во Кабул.

Министерот за надворешни работи на Катар, Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, од своја страна рече дека Доха евакуирала 58.000 луѓе од Авганистан. Тој истакна дека доколку Катар се усогласи со талибанците за безбедносните мерки на аеродромот во Кабул, тој наскоро ќе профункционира.

– Поправивме многу елементи што се таму и наскоро ќе започнеме со работа, додаде тој.

Катарскиот министер, исто така, ги повика ОН и другите меѓународни организации да продолжат да пружаат помош за Авганистан.

извор МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВМРО-ДПМНЕ пак ќе го блокира Собранието ако власта не се откаже од планот за 15 закони со европско знаменце

Следно

Четири тима кои ја основаа Суперлигата се вратија во Европската асоцијација на клубови

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian