Алил Џаферовски по повод 30 години независност: Го следевме вековниот сон на нашите претци

2 mins read

Почитувани граѓани на Република МК, драги наши сограѓани,

Ви благодариме што пред 30 години ни ја дадовте историската шанса и доверба во духот на демократската борба да ја поведеме државата по патот на вековниот сон на нашите претци.

Горди сме што ги поставивме темелите на демократијата и ги формиравме првите институции во државата. Горди сме што успевме единствено ние мирно да зачекориме кон независноста од сите други бивши југословенски републики. Горди сме што успеавме да станеме членка на ОН во 1993 г., на НАТО во 2020 г., како и на голем број големи и важни светски организации.

Жалиме што нашиот сон за независно судство, моќна економија, силна индустрија, владеење на правото и независни медиуми сѐ уште не е остварен. Жалиме што нашите аспирации за ЕУ се сѐ уште аспирации. Жалиме што и нашиот идеал за совршена здравствена заштита, модерно образование, култура и просперитет сѐ уште се само идеал на нашето население. Жалиме што и многу наши сограѓани својата егзистенција заминаа да ја бараат некаде во „белиот свет“, бидејќи нашата држава не успеа да обезбеди достоен живот за сите.

Се надеваме дека во годините што следат нашите соништа и идеали ќе се остварат и ние ќе бидеме сведоци дека Македонија е едно прекрасно место за живеење за сите оние кои се бореа за нејзината самостојност и независност, но и за нашите деца и идните поколенија.

Дозволете со вас да ја споделиме честа и радоста за тоа што ја поведовме државата кон независноста и веќе 30 години живееме во самостојна, суверена и независна Република Македонија. Дозволете да се заблагодариме на сите оние кои веќе не се со нас, а дадоа многу за изградбата на нашата држава. И, секако, благодарност до нашиот прв претседател Киро Глигоров за искрената борба и посветеност во изградбата на татковината. Неговите зборови: „Македонија е сѐ што имаме!“ – сѐ уште се светол патоказ кон патот по кој треба да одиме.

Нека ни е честит 30-годишниот јубилеј и нека ни е вечна Република Македонија! Да ја чуваме и градиме засекогаш!

Честит 8-ми септември! Среќен Ден на независноста!

Стојан Андов по повод 30 години независност: Клучна беше поддршката од САД

www.slobodenpecat.mk

Претходно

(ФОТО) Приказна со среќен крај: Алпинисти и пожарникари од Валандово и Демир Капија спасија куче од водите на Вардар

Следно

ВИДЕО: Ограбена златарница во Париз, украден накит вреден 10 милиони евра

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian