Галичица гори и после дождот, екологистите бараат итно да се интервенира

3 mins read

Пожарот кој веќе цела недела гори на планината Галичица, сѐ уште не е изгаснат. Општина Охрид утринава испрати на терен екипа составена од претставници на НП „Галичица” и Територијалната противпожарна единица од Охрид  која треба да направи увид на состојбата со пожарот и да делува каде што има потреба, информираше на својот Фејсбук профил охридскиот градоначалник Константин Георгиески, кој рано наутро повторно беше на терен во подножјето на планината Галичица.

„Во текот на вчерашниот ден пожарот, кој почна да се шири надолу кон густата букова шума во рамките на националниот парк Галичица на околу 1.600 метри надморска височина, беше гаснет и од воздух. Сепак, иако се очекуваше дождот кој вчера обилно врнеше во охридскиот регион сосема да го изгасне пожарот, врнежите во горниот дел на планината го локализираа, но не беа доволни за да го запрат огнот. Бидејќи на локацијата на пожарот било регистрирано многу мало количество на врнежи, стручните лица од локалниот кризен штаб оцениле дека временските прилики и дождливото време не се доволни за целосно локализирање и гаснење на пожарот. Поради тоа, треба активно да се делува, континуирано да се следи на терен“, се вели во информацијата објавена од Општина Охрид.

Во текот на вчерашниот ден еден хеликоптер на Воздухопловниот ВИНГ се вклучи во гаснењето на пожарот на планината Галичица, а на координативниот кризен штаб беше одлучено утринава да се делува  со човечка сила со околу 40 луѓе и две летала од воздух, но како што информираат од НП Галичица, поради дождот, оваа акција е одложена и ќе се интервенира само од земја со помал тим. Од координативниот штаб на охридската локална самоуправа информираат дека во моментот нема опасност од проширување кон населени места. Засега не постои можност од делување на терен со човечки ресурси поради непристапност на теренот и опасноста од експлозии на неексплодирани гранати од Првата светска војна. Само во недела наутро биле регистрирани четири детонации, информираат од кризниот штаб на Општина Охрид.

Пожарот на Галичица кој почна на 30 август, на албанска територија, веројатно подметнат од овчари за проширување на пасиштата, се прошири и на македонска територија, при што најпрвин гореа повисоките предели на планината прекриени со трева и ниски зимзелени грмушки за потоа да биде зафатен и шумски предел. Еколошките здруженија реагираат на спорото справување со пожарот на Галичица. „Галичица гори, баба се чешла“, стои во реакцијата на Охрид СОС, каде ги повикуваат надлежните итно да реагираат. Тие ги потсетија надлежните дека Галичица поради огромната биоразновидност е дел од светското природно наследство, заштитена од УНЕСКО и дека буквално секоја  изгорена тревка е голема загуба.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во ураганот Ида загинаа 50 лица, многумина се водат како исчезнати

Следно

ВИДЕО: Холандски тенисер ги учи новинарите како му се изговара презимето

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian