Веспрем и Манасков ја одбранија титулата во СЕХА Лигата

2 mins read

Екипата на Веспрем ја одбрани титулата во СЕХА Лигата откако во финалето го совлада ППД Загреб и тоа по подобро изведување на пенали. Натпреварот во регуларниот дел заврши со 27:27, додека во пенал рулетот Веспрем беше подобар со 4:2 и освои четвртата титула во СЕХА лигата, втора едноподруго.

Хрватскиот тим пак на завршниот турнир во Задар се појави како замена, односно откако Вардар беше дисквалификуван поради позитивниот тест на коронавирус на Борко Ристовски иако во четвртфиналето го елиминира токму ППД Загреб.

ППД Загреб беше подобар тим на почетокот и во првата половина имаше предност од еден-два гола, но во 21 минута Веспрем по голот на Петар Ненадиќ поведе со 11:10 и на одмор замина со предност од 15:13.
Во второто полувреме речиси идентична слика од првиот дел, но овој пат екипите ги заменија улогите. Унгарскиот тим ја чуваше предноста, додека ППД Загреб се обидуваше да се врати во натпреварот и тоа им успеа на пет минути до крајот кога израмни на 25:25. До крајот ја регуларниот дел се играше гол за гол, додека во пенал рулетот се истакна голманот на Веспрем, Цупара кој одбрани два седмерци, на Чавар и на Шипиќ за четврта титула во СЕХА лигата.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков постигна два гола, а најпрецизни во унгарскиот тим беа Јахја Омар и Петар Ненадиќ со по осум постигнати голови, додека кај ППД Загреб, Вистороп даде седум гола.  За МВП на завршниот турнир е прогласен Петар Ненадиќ. 

Третото место го освои Мотор кој со 31:20 го совлада Брест Мешков. 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Гутереш го осуди насилното преземање на власта во Гвинеја

Следно

Невиден скандал: Полицијата го прекина дербито помеѓу Бразил и Аргентина и уапси аргентински фудбалери 

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian