Над 550 учесници на офф-роад релито низ Осоговските Планини

2 mins read

Над петстотини и педесет учесници од сите краеви на државата учествуваа на дводневното летно офф-роад рели низ Осоговските Планини што се одржа вчера и денеска.

Организатори на настанот што се реализира втора година по ред се шестмина кривопаланчани: Славчо Стојановски, Синиша Давидовски, Младенчо Димчовски, Стефан Вучевски, Даниел Николовски и Горан Стоименовски кои го формираа здружението „Офф-роад Екстриме Крива Паланка” со цел промоција на убавините на природата на овој крај од Североисточниот дел на Република Северна Македонија.

– Двата дена поминаа во одлична дружба, прекрасна енергија и адреналин. Задоволни сме што иако вторпат се одржува настанот, привлече внимание на над 550 љубители на екстремните спортови, природата и авантурите од целата држава и од сите возрасти. Имавме млади учесници во тимовите, најмладите на само десетгодишна возраст, а највозрасните беа во седмата деценија од животот. Интересен е фактот што овој авантуристички настан годинава го посетија и повеќе припаднички на понежниот пол, што е доказ дека ваквите настани се одлична можност и за уживање во природата, но и за туристичка промоција на овој регион кај целокупната популација. На релито имаше околу 140 џипови и 80-тина мотори и четирицикли, информираат организаторите од „Офф-роад Екстриме Крива Паланка”.

Настанот започна вчера наутро, во десет часот, со стартна точка од Мотел „Македонија” во Крива Паланка, а вкупната должина на рутата беше околу 70,75 километри.

– Релито се возеше по прекрасните пејзажни предели на општината, преку маала Дивјанци, селата:  Осиче, Гарваница, Биљино, Луке, Црцорија, Трново, Узем и завршуваме на нашиот познат туристички локалитет Калин Камен, со неколку паузи, а крајот на трасата на првиот ден што се возеше ревијално беше на Калин Камен со организирано кампување во шатори. Вториот ден започна со кружна временска трка во повеќе категории, а на крајот беа доделени благодарници и награди за најдобрите, посочуваат од „Офф-роад Екстриме Крива Паланка”.

Настанот го поддржуваа 50-тина спонзори, локални фирми и вљубеници во екстремните спортови и природата.

 

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Опозицијата го промовираше својот кандидат за градоначалник на Кичево

Следно

Одлична трка за Иџе, го освои шестото место на легендарната „Имола“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian