Догодина трета доза вакцина

7 mins read

Испитувањата што ги има направено компанијата „Фајзер”, која е еден од производителите на вакцина за Ковид-19, одат во насока дека најверојатно ќе биде потребна и трета доза, но наодите не се официјализирани. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека болниците се оптоварени со невакцинирани лица, повторно апелирајќи за вакцинација, што во моментов претставува единствен спас за излез од пандемијата.

– Вакцината сериозно го намалува ризикот од тешка форма на болеста и според студиите 20 пати го намалува ризикот од смртен исход. И тоа треба да е мотивација за граѓаните. Огромен процент од новодијагностицирани пациенти, 80 и неколку проценти и од тие коишто се во болница се невакцинирани, што значи дека тоа е проблемот не само кај нас, туку насекаде. Разговараме и со колегите во регионот, секаде болниците се оптоварени си со невакцинирани пациенти – нагласи вчера министерот за здравство.

Тој истакна дека не можат да претпостават како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата во светот.

– Веројатно дека ќе има нови и нови соеви и мутации на вирусот. Меѓутоа, вакцината е таа која што штити, го намалува ризикот од смртен ризик неколкукратно или од тешка форма на болеста. И тоа е начин ние да ги вратиме животите во нормала. За жал, гледаме дека имаме граѓани коишто се уште се невакцинирани. Апелирам да се вакцинираат, тоа е начинот и да се заштити здравјето, а ние да го штитиме системот од понатамошни бранови и оптоварувања – рече Филипче.

Според последните информации од Министерството за здравство, вкупно се аплицирани 1.306.042 дози вакцини, а ревакцинирани се 564.488 граѓани. Имено, 53 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина, а 29 проценти од населението над 18-39 години имаат примено барем една доза вакцина.

Околу бројот на вакцини во земјава, Филипче наведе дека во овој момент има сосема доволно.

– Околу 300 илјади дози се на располагање, 115 илјади дози на вакцини од „Астра Зенека”, 110 илјади „Фајзер” и 100 илјади дози од „Синовак” и ја имаме оваа континуирана количина која што доаѓа од 30-40 илјади секој понеделник или вторник од компанијата „Фајзер” – посочи министерот.

Тој повторно укажа дека не треба да постои сомнеж кај граѓаните и оти сите вакцини се безбедни.

– Не треба да има сомнеж. Сите вакцини се безбедни и тоа е докажано и од нашето искуство. Мали некои несакани ефекти коишто се типични генерално за вакцините – црвенило итн., освен онаа компликација што ја имаше една млада девојка која што е опишана во литературата, меѓутоа и таа помина добро. Значи, вакцините се безбедни, направени се на безбедни платформи, така што вакцинацијата е единствениот процес којшто ќе го спаси светот од оваа пандемија – нагласи вчера Филипче.

Околу протоколите за лекување, Филипче посочи дека за сите болници има протокол што неколку пати и е ревидиран согласно сознанијата, но за потешките случаи се разговара на координативните состаноци.

– Ние точно знаеме како се лекуваат сите пациенти. Се лекуваат по соодветниот протокол со најмодерните лекови. Немаме недостаток на ниту еден лек. Ние сме единствена земја во регионот која што го има и антителото од оригиналниот производител кое го добивме благодарение на Светска банка. Најголем број од пациентите во болниците и тоа е проблемот се невакцинирани. Околу 9 проценти од смртните случаи се вакцинирани, меѓутоа тоа се пациенти коишто навистина имаат тешка состојба, имаат сериозни коморбидитети и иако лекувани по сите тие стандарди за жал не може да се помогне – наведе Филипче.

Во однос на новиот сој, министерот рече дека ги чекаа научните созананија.

– Кога ќе се појави една варијанта без разлика каде е или станува типична за некој регион или брзо се шири. Има типични соеви на вирусот за некои поединечни региони. Точно е дека има нова варијација на вирусот, меѓутоа тоа е нешто што воопшто не е изненадување. Овој тип на вирус има тенденција да мутира во различни делови. Се уште е рано да се кажат карактеристиките на овој најнов сој на вирусот. Ги чекаме научните сознанија. Она што досега се знае за досегашните соеви на вируси е дека важат истите принципи вакцинацијата и општите превентивни мерки, додаде Филипче.

Министерот, на новинарско прашање околу смртноста на млади лица, рече дека тоа е нешто на што посебно обрнуваат внимание, но, како што рече, за жал, се невакцинирани лица.

– Секојдневно имаме состанок со сите раководители на институции каде што се лечат најтешките пациенти, на Инфективната клиника, на интерните клиники, на Институтот за ТБЦ и во Козле. За жал, се невакцинирани луѓе. За жал генерално многу касно доаѓаат пациентите и тоа го констатиравме неколку пати наназад – рече Филипче.

Министерот посочи дека е добро што во моментов има стагнација во болниците.

– Добро е што во овој момент има некаква стагнација, не се полнат веќе болниците со таа динамика како што беше досега. Нема потреба да се активираат дополнителни одделенија на интерните клиники, иако се спремни. На три одделенија сега се сместени тука пациенти, три се на стендбај, посочи Филипче.

Седумстотини и осум нови случаи на заболени од Ковид-19, 573 оздравени и 32 починати лица се регистрирани во вчерашниот дневен билтен на Министерството за здравство. Во моментов во земјава има 15.101 активни случаи. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 179.587, бројката на оздравени пациенти е 158.441, на починати е 6.045

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Променливо облачно време со повремен пороен дожд и грмежи

Следно

Тензично во Цетиње, солзавец и шок бомби

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian