Бени Шаќири кандидат за градоначалник на Скопје, Никола Пановски носител на советничка листа од коалицијата „Одлучно за промени”

1 min read

Пејачот Бени Шаќири е кандидат за градоначалник на Град Скопје од коалицијата на ЛДП и ДОМ, а микробиологот Никола Пановски е носител на советничката листа.

Тие денеска беа промовирани од страна на ЛДП и ДОМ кои на изборите ќе настапат заеднички под слоганот „Одлучно за промени”.

Шаќири на промоцијата изјави дека мотив за да се вклучи во трката за градоначалник на Скопје е тоа што се чувствува изневерен од тоа како се води градот во изминатите четири години.

– Како граѓанин на Град Скопје, сум лично изневерен. Така што, мислам дека треба да се обидеме сите заедно да направиме барем нешто што може да нè натера да успееме да го направиме овој град достоинствен за живот. Какви се денеска состојбите мене воопшто не ми се допаѓа и токму тоа е мојот мотив да се вклучам во овој процес, па макар и изгубил. Но, се разбира дека секој од нас оди понатаму, оди напред и се труди да дојде до победа, рече Шаќири.

Лидерот на ЛДП Горан Милевски рече дека се работи за личности кои се исклучително ценети во својата професија, луѓе со авторитет и чесни и искрени скопјани.

– Се работи за луѓе кои ќе работат во интерес на граѓаните, кои интересот на Скопје ќе го стават пред сè и над сè. Луѓе кои ќе обединуваат, рече Милевски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Протестен марш на КСОМ во среда заради незадоволство од социјалниот дијалог

Следно

Почна бунтот против на ФИФА и идејата Мундијалот да се игра на две години: Играчите ќе експлодираат

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian