СПЦ попушти под притисоците, Митрополитот Јоаникије нема да биде устоличен на Цетиње

1 min read

Црногорските медиуми вечерва јавија дека Српската православна црква, под притисок на властите, се откажала од плановите за утрешното устоличување на новиот митрополит црногорско-приморски Јоаникије во Цетинскиот манастир и дека церемонијата најверојатно ќе се одржи во Подгорица.

Последниот развој на настаните кои се толкуваат како победа на приврзаниците на Мило Ѓукановиќ, доаѓа откако во Црна Гора се зголемија тензиите меѓу струјата лојална на претседателот и приврзаниците на СПЦ.

Стотици демонстранти кои извикуваа „Ова не е Србија“ денеска се судрија со полицијата и се обидоа да ги пробијат блокадите и да дојдат до Цетиње.

Демонстрантите соопштија дека ќе ги спречат српскиот патријарх Порфирије и митрополитот Јоаникије да пристигнат на Цетиње, каде традиционално се устоличуваат митрополитите на СПЦ. Тие со барикади од шут и автомобилски гуми ги блокираа приодите кон градот, а на Цетиње попладнето се појави и Ѓукановиќ.

Во меѓувреме, според извештаите, десетина илјади граѓани се собраа во Подгорица за да го дочекаат српскиот патријарх Порфирије, кој одржа литургија во Храмот на Христовото воскреснување во црногорскиот главен град.

Црногорската полиција процени дека безбедносната ситуација во Цетиње е „неповолна и ризична“, а премиерот Здравко Кривокапиќ и неговиот заменик Дритан Абазовиќ ги повикаа црковните достојници да го префрлат устоличувањето во Подгорица за да се избегнат потешки инциденти.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Украина „претплатена“ на реми, Данците имаат „пет од пет“

Следно

Нишикори само го налути Ѓоковиќ, првиот светски рекет во осминафиналето на „УС Опен“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian