На местото на несреќата пред Стража биле видени и лица дел од Шестата управа на МВР, рече вечерва портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, обвинувајќи дека „цел ден се вршат притисоци врз сведоци на настанот, но и медиуми, да не изнесуваат информации за сообраќајката“.
„Се вршат притисоци за прикривање ова што се случило денес. Власта треба да одговори на јавноста зошто Кичеец е пуштен на слобода и што бараат лица вработени во АНБ на лице место на настанот? Ова е уште еден доказ почитувани граѓани, за целосната криминализираност на системот на власта. До кога врвот на власта ќе штити криминалци?“, праша Митева.
Во сообраќајната несреќа која се случи попладнево на магистралниот пат Гостивар-Кичево, едно лице загина, а седуммина беа повредени, од кои четворица потешко. Во сообраќајката учествувал и Зоран Милевски – Кичеец, кој е осуден на затворска казна за случајот „Рекет“, а според Управата за извршување санкции, тој бил пуштен на едномесечно отсуство од затворот поради лекарски прегледи.